ИСКАЗОТ НА СВЕДОКОТ ИВАН НИКОЛОВ ДА НЕ СЕ ПРИФАТИ КАКО ДОКАЗ ОТИ БИЛ АГЕНТ ПРОВОКАТОР, ПОБАРА ОДБРАНАТА НА ЗАЕВ ВО „ПОТКУП“

    ИСКАЗОТ НА СВЕДОКОТ ИВАН НИКОЛОВ ДА НЕ СЕ ПРИФАТИ КАКО ДОКАЗ ОТИ БИЛ АГЕНТ ПРОВОКАТОР, ПОБАРА ОДБРАНАТА НА ЗАЕВ ВО „ПОТКУП“По барањето на одбраната, судскиот совет рече дека дополнително ќе се изјасни. - Премиерот Зоран Заев со адвокатскиот тим пред Основниот суд Скопје 1 (Фото: М. Златевска)

    Исказот на сведокот Иван Николов во предметот „Поткуп“ да не се прифати како доказ во судската постапка против премиерот Зоран Заев, побараа на денешното рочиште неговите адвокати.

    Според нив, врз основа на исказот на Николов не може да се заснова судска постапка оти тој бил агент провокатор, односно бил инструиран да бара поткуп. По ова барање, судскиот совет рече дека дополнително ќе се изјасни. Потоа обвинителката Валентина Бислимовска ги изведуваше писмените докази.

    По изложувањето на материјалните докази, адвокатите на Заев побараа и тие да не се земат како доказ, бидејќи се ирелевантни во однос на самото обвинение и не може да ги докажат фактите презентирани во обвинението. Потоа во судницата беа пуштени разговори од кои јавноста беше исклучени бидејќи се добиени со посебни истражни мерки.

    На претходното рочиште на 26 март, сведокот Николов кажа дека кога одел на средба кај поранешниот градоначалник на Струмица, опремен со камери, го наведувал обвинетиот Заев да зборува за потребите на МВР и Обвинителството за организиран криминал.

    „Обвинетиот го снимав на закажаната средба во кабинетот на Заев. Првин МВР ме спреми, па потоа отидов на средбата. Како ќе ми наредеше обвинителот, така правев. Откако ја имав таа опрема на себе, јас го терав Заев тој да го каже тоа што го има на снимката“, одговори Николов тогаш на прашање на судијата.

    Од Обвинителството за организиран криминал и корупција, Заев е обвинет дека како градоначалник на Струмица барал поткуп од бизнисменот Иван Николов за купување градежно земјиште.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира