Министерот за надворешни работи Бујар Османи попладнево на брифинг со новинарите го презентираше Протоколот кој денеска во Софија го потпишаа со неговата колешка Теодора Генчовска. Ова е втор билатерален протокол за исполнување на Договорот за добрососедство и пријателство од 2017, согласно членот 12 од него.
Во Протоколот, кој министерот Османи рече дека во текот на денот ќе биде и јавно објавен, стои дека тој е на реципроцитена основа односно и Македонија и Бугарија треба да го исполнат она што ќе се договори. Во правна форма, Протоколот е записник од состанок, во кој се прави пресек на постигнатите резултати од дијалогот и меѓусекторската соработка во периодот 2019-2022. Со оглед на тоа дека меѓувладината комисија не се состанала од 2019, по бугарското вето, документот што денеска е потпишан содржи периодот од три години, а вообичаено е овој документ се потпишува еднаш годишно. Протоколот освен податоците за политичкиот дијалог, средбите, работата на меѓусекторските групи, ги содржи и точките од пакетот четири плус еден и што се очекува од двете земји во тие области согласно Договорот за добрососедство.
Во делот кој се однесува за заедничката историја стои дека двете држави ја охрабруваат Комисијата да го заврши прегледот на периодот на Средниот век во рок од една година од потпишување на Протоколот. Двете држави не покасно од учебната 2024/25 да ги усогласат, каде што е неопходно учебниците, така што ќе ги одразуваат до тој момент постигнатите резултати од Комисијата. Според она што беше презентирано, во Протоколот двете држави ја охрабруваат Комисијата да ја заврши работата за сите периоди од зедничката историја, кои ги поврзуваат двете држави и народи, до членство на земјава во Европската унија.
„Најважно нешто што е постигнато со овој Протокол е автномноста на историската комисија, односно одлуките ќе ги носат историчарите, тие кои најдобро ја знаат историјата, а не политичарите. Целта на овој Протокол е да ги подобриме односите со Бугарија. Ние не можеме да одиме во Европска унија ако немаме добри односи со една земја-членка“, рече Османи.
Тој повтори дека историските прашања кои треба да се решат со овој Протокол, не се дел од преговарачката рамка со ЕУ и кажа дека Бугарија нема основ врз основа на работата на историската комисија да нè блокира на патот кон членство во ЕУ.
„Имавме три важни прашања за нас и тоа – јазикот, историските прашања да не бидат одредница за отворање и затворање на поглавјата и да почнат преговорите сега. Трите ги добивме. Република Бугарија доби условување на втора меѓувладина конфреренција со уставни измени. Тоа е компромисот, рече Османи. Но, дали Бугарија понатаму во преговорите може да нè блокира? Може, ама ќе рече дека тоа го прави заради незадоволувачки реформи, на пример, во земјоделството. Постојано слушам да бараме гаранции од ЕУ, па ЕУ е Бугарија. Еве видете сега Грција не ги гледа деталите во Договорот од Преспа, туку целата слика. Затоа треба да се подобрат односите, да престане говорот на омраза, а точно е дека секогаш ќе има провокатори кои сакаат да дојдат на власт. Нема да биде лесно ќе биде тешко, но еве чекор по чекор се обидуваме да ја вратиме таа доверба. Кој можеше пред 5 години да претпостави дека ќе бидеме во оваа ситуација со Грција, Kога ми е потребна помош и поддршка јас прво се јавувам на грчкиот министер за надворешни работи, премиерот прво врти кај грчкиот премиер“, кажа Османи.
Инаку, членовите на мешовитата историска комисија ги именуваат владите на двете земји, а од македонска страна членуваат академик Драги Ѓоргиев, проф. д-р Љупчо Ристески, проф. д-р Петар Тодоров, проф. д-р Исамедин Азизи, доц. д-р Љубица Спасковска, доц. д-р Огнен Вангелов.
На прашањето каде е реципроцитет за правата на македонското малцинство во Бугарија, Османи кажа дека уставното уредување на Бугарија не признава етнички заедници, како што не признаваат ниту уставите на Франција, Грција.
„Таму има еден милион Турци, кои не може да регистираат турска партија, тоа е системот на уредување, такви се и Франција и Грција. Уставот не препознава организирање на граѓаните на етничка основа. Кај нас Уставот е поинаков. Претпоставувам тоа било причината во 1999 година во заедничката декларција меѓу тогашните премиери Љубчо Георгиевски и Иван Костов, кој параграф е реафирмиран во член 11, став пет од Договорот за добрососедство и сега РСМ потврдува дека ништо од нејзиниот Устав не може или не треба да преставува мешање во внатрешните работи на Бугарија. Тоа е единствената асиметрична позиција во Договорот“, рече Османи.
Н апрашањето како ќе се измени Уставот за да се внесат Бугарите, кога опозицијата на чело со ВМРО-ДПМНЕ е децидна дека нема да гласа „за“, Османи кажа дека очекува оти кога ќе дојде време Собранието со големо мнозинство ќе се изгласа таа уставна измена, но не образложи зошто така очекува.
Министерот кажа дека досега не го објавиле Протоколот оти требало да биде услогласен со бугарската страна и заеднички да се договори време на неговото објавување.
Во вторник, во Брисел ќе се одржи првата Меѓувладина конференција која всушност е првата фаза од почетокот на пристапните преговори со ЕУ која веднаш по неа ќе почне со скрининг на инстиуциите. Внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав е услов за втората Меѓувладина конференција и фактички почеток на преговорите со ЕУ, односно остворање на 34-те поглавја за преговори.
А. АНТЕВСКА