ИСТРАГАТА СЕ СОМНЕВА ДЕКА ПЛАТЕН УБИЕЦ ПУКАЛ ВО ДИЛАВЕР БОЈКУ

    ИСТРАГАТА СЕ СОМНЕВА ДЕКА ПЛАТЕН УБИЕЦ ПУКАЛ ВО ДИЛАВЕР БОЈКУДилавер Бојку во јули 2003 година со хеликоптер беше екстрадиран од Црна Гора по бегството од струшкиот затвор.

    Дилавер Бојку – Леку најверојатно бил застрелан во главата од платен убиец, велат извори од истрагата за САКАМДАКАЖАМ.МК. Убиецот го напуштил местото на убиството со мотор и се уште е во бегство, а во потрагата по него учествуваат специјалните сили на МВР и теренот се чешла со хеликоптер.

    Бојку (58), познат осуденик за нелегална проституција од струшкото село Велешта, вчера попладне со куршум во глава беше убиен на плажа во Струга пред својата кафеана во близина на старата автобуска станица. Пукањето се случило околу 17 часот пред посетителите на кафеаната на плажата Аква блу.

    Бојку, кој на почетокот на 2000-те поседуваше неколку ноќни клубови во Велешта и во Струга, кои што функционираа како бордели, во февруари 2003 година беше уапсен и осуден на шестмесечна затворска казна за шверц на луѓе, за веќе во јуни да побегне од струшкиот затвор.

    Непосредно пред да побегне, тогашниот американски амбасадор Лоренс Батлер го опиша Бојку како „најпознатиот македонски државјанин надвор од Македонија и ФБИ е заинтересирано за случајот“. По бегството, САД распиша награда од 10.000 долари за информација што ќе доведе до негово апсење.

    Само две недели по бегството беше уапсен во Уљцињ, Црна Гора и екстрадиран со хеликоптер во Македонија. Потоа беше осуден од Битолскиот суд на четири години затвор за посредување во проституција и по одлежување на казната во 2007 година беше пуштен на слобода. Две години подоцна Бојку првин беше уапсен за нарушување на јавниот ред и мир, а потоа, заедно со син му, беа уапсени за напад на полицаец со нож.

    Во 2013 година, тогашниот струшки градоначалник Зијадин Села пријави во полиција дека Бојку му се заканувал по најавата за рушење на дивоградбите на струшкото крајбрежје. Минатата година во февруари, Бојку пријавил во полицијата дека му била изрешетана куќата.

    Во јуни минатата година, струшкото обвинителство поднесе обвинение против братот и синот на Дилавер Бојку, Башким и Ермин, за убиството што се случи на 13 декември 2015 година на локалниот пат Струга-Долна Белица.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира