Италијанските воздухопловни сили и официјално станаа дел од мисијата на НАТО за воздухопловно патролирање над Македонија, откако министрите за одбрана Славјанка Петровска и Гвидо Крозето го потпишаа Техничкиот договор во Скопје.
Според Техничкиот договор, кој денеска беше потпишан во Центарот за обука на пилоти во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец, италијанските вооружени сили и официјално се вклучија во мисијата на НАТО за воздухопловно патролирање над македонското небо. Министерот Крозето кажа дека со денешното потпишување на овој историски договор, Италија заедно со Грција ја презема обврската за заштита на небото на Македонија и дека сојузништвото во Алијансата значи своите сили да се стават на располагање на други земји кога има потреба за такво нешто.
„Италија има чест што може да даде свој придонес во оваа насока и ѝ благодари на Северна Македонија за довербата“, рече Крозето.
Министерката Петровска рече дека фактот што италијански воздухоплови ќе ја гарантираат безбедноста на нашиот воздушен простор е приказ за целосна меѓусебна доверба.
„Често споменуваме дека Алијансата е приказ на сојузништво и единство, но зборовите не можат да го отсликаат тоа што можеме да го видиме на дело – италијански и грчки воени воздухоплови, во координација со македонското воено воздухопловство гарантирајќи ја безбедноста на небото на Северна Македонија“, рече Петровска.
Небото на Македонија, со официјалниот почеток на мисијата на НАТО за воздухопловно патролирање над земјава, во декември 2021 и официјално стана дел од колективниот систем на Алијансата за воздушно патролирање. Досега, воздухопловното патролирање беше доверено на грчкото воено воздухопловство, а отсега тоа ќе се врши со воздухоплови на грчките и на италијанските воздухопловни сили, во координација со военото воздухопловство на Армијата на Република Северна Македонија.
Мисијата за воздухопловно патролирање на нашето небо ја раководи Сојузничката воздухопловна команда на НАТО, а тактичката контрола на мисијата е под раководство на Центарот за комбинирани воздухопловни операции во Торехон, Шпанија.