ИВАН ОГЊАНОВСКИ, ПРВИОТ ПАЦИЕНТ СО ПРЕСАДЕНО СРЦЕ, ОД КЛИНИКА СИ ОДИ ДОМА, ОБЈАВИ ФИЛИПЧЕ

    ИВАН ОГЊАНОВСКИ, ПРВИОТ ПАЦИЕНТ СО ПРЕСАДЕНО СРЦЕ, ОД КЛИНИКА СИ ОДИ ДОМА, ОБЈАВИ ФИЛИПЧЕПретседателот на СДСМ, Зоран Заев, Иван Огњановски и министерот за здравство Венко Филипче на Клиниката за кардиохирургија. (Фото: Фејсбук профил на Венко Филипче)

    Педесет и четиригодишниот Иван Огњановски, пациентот на кого на 23 мај му беше направена првата трансплантација на срце од починат донор заминува на домашно лекување од Клиниката за државна кардиохирургија, објави на Фејсбук министерот за здравство Венко Филипче.

    Огњановски го доби срцето на 43-годишната Емилија Динева од Стар Дојран која настрада во сообраќајка.

    „Горд сум што испишавме историја во јавното здравство, во кардиохирургијата. Горд сум на моите колеги кои покажаа највисока стручност во својата хумана професија. Но, пред сѐ најдлабока почит за семејството на Емилија Динева за алтруизмот што го покажаа на дело“, вели министерот.

    По операцијата, Васил Огњановски, синот на 54-годишниот Иван Огњановски, кажа: „Пред сѐ едно големо сочувство и големо благодарам до фамилијата што со донирањето спасија три животи, од кој еден е животот на татко ми. Пред два дена ни беше јавено дека е најдено срце и дека ќе биде извршена првата ваква трансплантација кај нас. Операцијата се направи. Полека го будат. Очекувањата се големи. Еднаш докторите го спасија, го вратија меѓу живите, сега тоа го прават уште еднаш и едно многу големо благодарам за нив. Во државата имаме многу добри доктори што ќе спасат милиони животи. Сакаме да се запознаеме со семејството на донаторката, но пред сѐ, нека стивне нивната болка. Со мојот татко кога ќе биде во добра состојба би сакале да им изразиме сочувство и да им кажеме дека нејзиното срце сѐ уште чука“.

    Мешаниот тим на кардиохирурзи ги договорил министерот за здравство Венко Филипче, и како што ни рече тогаш д-р Маја Мојсова-Мијовска, анетезиолог и национален координатор за трансплантација, станувало збор за операција од национален и државен интерес. Мојсова-Мијовска со својот тим болнички координатори-д- р Билјана Андоновска, д-р Весна Дурнев и Адријана Георгиев од Министерството за здравство ја процесираа пациентката во мозочна смрт и ги направија сите лекарски, технички и административни подготовки за да се започне со трансплантацијата на срце и бубрези.

    На експлантацијата работеа д-р Марјан Шокаровски и д-р Александар Колевски од Клиниката за државна кардиохирургија, д-р Александар Николиќ од Аџибадем Систина, а од КАРИЛ анестезијата ја водеа д-р Маја Мојсова- Мијовска, д-р Весна Дурнев и д-р Билјана Андоновска.

    Трансплантацијата на срцето ја работеа проф. д-р Сашко Јовев и академик Жан Митрев заедно со д-р Васил Папестиев, д-р Марјан Шокаровски, д-р Ванѓел Здравески, д-р Кјутим Џелили, д-р Тања Анѓушева, д-р Никола Христов, д-р Стефанија Хаџиевска, д-р Надица Мехмедовиќ, д-р Весна Миташова, д-р Јасмина Илиевска, д-р Марија Гераковска и д-р Димче Славевски од Аџибадем Систина.

    Б. НЕСТОРОСКА

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира