СО ИЗМЕШАНИ ЧУВСТВА НА ТАГА И СРЕЌА ЈА НАПРАВИВМЕ ПРВАТА ТРАНСПЛАНТАЦИЈА НА СРЦЕ, ВЕЛИ АНЕСТЕЗИОЛОГОТ МАЈА МОЈСОВА-МИЈОВСКА

    СО ИЗМЕШАНИ ЧУВСТВА НА ТАГА И СРЕЌА ЈА НАПРАВИВМЕ ПРВАТА ТРАНСПЛАНТАЦИЈА НА СРЦЕ, ВЕЛИ АНЕСТЕЗИОЛОГОТ МАЈА МОЈСОВА-МИЈОВСКАМаја Мојсова-Мијовска (десно) со својот тим болнички координатори-д- р Билјана Андоновска и д-р Весна Дурнева.На Клиниката за кардиохирургија во Скопје, по 6 часа операција, ноќва во 2 часот беше трансплантирано новото срце во телото на 54-годишниот пациент. (Фото: М. Мојсова-Мијовска)

    Педесет и четиригодишниот пациент кој утрово доби ново срце од починат донор е на респираторна машина, утрово покажа знаци на контакт, но нема да брзаме, потребно е време за опоравување, но целата ситуација ни дава надеж дека сѐ ќе биде добро, вели анестезиологот и национален координатор за трансплантација д-р Маја Мојсова-Мијовска.

    На Клиниката за кардиохирургија во Скопје, по 6 часа операција, ноќва во 2 часот беше трансплантирано новото срце во телото на 54-годишниот пациент. Два бубрега од истиот донор на Клиниката за урологија се трансплантираа кај двајца пациенти со хронична бубрежна слабост кои со години беа на дијализа.

    „Станува збор за пациентка на 43 години, која настрада во сообраќајна несреќа и вчера беше прогласена мозочно мртва. Во семејството имаше тага и болка, но со голема храброст ја донесоа одлуката за донирање на органите. Веднаш во голема координација со големи тимови се организираше целата процедура, од документи, лаборатории, навистина многу голема синхронизација. Пациентот имаше тешка состојба на срцето и требаше многу работа и брзо да се дејствува“, вели докторката Мојсова-Мијовска.

    Самата експлантација на срцето траела еден час и веднаш било однесено на Клиниката за кардиохирургија, каде трансплантацијата траела три часа. (Фото: М. Мојсова-Мијовска )

    Мешаниот тим на кардиохирурзи ги договорил министерот за здравство Венко Филипче, и како што вели докторката, станува збор за операција од национален и државен интерес. Мојсова-Мијовска со својот тим болнички координатори-д- р Билјана Андоновска, д-р Весна Дурнев и Адријана Георгиев од Министерството за здравство ја процесираа пациентката во мозочна смрт и ги направија сите лекарски, технички и административни подготовки за да се започне со трансплантацијата на срце и бубрези.

    Мешаниот тим на кардиохирурзи ги договорил министерот за здравство Венко Филипче, и како што вели докторката, станува збор за операција од национален и државен интерес. (Фото: М. Мојсова-Мијовска)

    На експлантацијата работеа д-р Марјан Шокаровски и д-р Александар Колевски од Клиниката за државна кардиохирургија, д-р Александар Николиќ од Аџибадем Систина, а од КАРИЛ анестезијата ја водеа д-р Маја Мојсова- Мијовска, д-р Весна Дурнев и д-р Билјана Андоновска.

    Трансплантацијата на срцето ја работеа проф. д-р Сашко Јовев и академик Жан Митрев заедно со д-р Васил Папестиев, д-р Марјан Шокаровски, д-р Ванѓел Здравески, д-р Кјутим Џелили, д-р Тања Анѓушева, д-р Никола Христов, д-р Стефанија Хаџиевска, д-р Надица Мехмедовиќ, д-р Весна Миташова, д-р Јасмина Илиевска, д-р Марија Гераковска и д-р Димче Славевски од Аџибадем Систина.

    Тимот лекари и министерот за здравство Венко Филипче при утринската посета на пациентот. (Фото: Министерство за здраство)

    За самата процедура на операцијата, докторката вели дека експлантацијата се врши во матичната куќа, па поради бубрезите, тоа се вршело на Клиниката за урологија. Самата експлантација на срцето траела еден час и веднаш било однесено на Клиниката за кардиохирургија, каде трансплатацијата траела три часа.

    „Навистина имавме среќа, да одговaраат по крвна слика и сите параметри. Ете, ни помогна некој од горе. Дај боже и во иднина да можеме да спасуваме животи. Јас сум сѐ уште преплавена од емоции“, вели таа.

    Во моментов, на Клиниката за урологија на трансплантациите на бубрезите работат лекарски тимови под раководство на д-р Сашо Дохчев, д-р Александар Трифуновски, д-р Сотир Ставридис и д-р Јосиф Јанчулев со тим лекари од клиниката.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари