ИВАНОВ ОДБРАЛ КАНЦЕЛАРИЈА ЗА ДОЖИВОТНА ФУНКЦИЈА НА БУЛЕВАР СРБИЈА ВО АЕРОДРОМ

    ИВАНОВ ОДБРАЛ КАНЦЕЛАРИЈА ЗА ДОЖИВОТНА ФУНКЦИЈА НА БУЛЕВАР СРБИЈА ВО АЕРОДРОМИванов веќе ја одбрал и локацијата каде би сакал во иднина да му биде неговиот кабинет со неколку вработени и обезбедување (Фото: СДК.МК)

    Кабинетот на претседателот во заминување Ѓорге Иванов побарал и добил од од владината Служба за општи и заеднички работи да му бидат доделени канцеларии во зграда на булевар Србија во Аеродром, потврди за САКАМДАКАЖАМ.МК директорот на Службата за општи и заеднички работи Пеце Мирчевски.

    Канцелариите ќе ги користи по престанокот на функцијата, доживотно. Тој до Правниот факултет, каде што предаваше пред да се кандидира за првпат за претседател пред 10 години, воопшто не најавил враќање. Околу неговата идна професија, комуницирал само со Владата.

    Писменото барање од Иванов што пристигнало попладнево, е во целост одобрено. Станува збор за канцелариски простор што досегашниот шеф на државата веќе го нашол и бара да биде склучен договор за негово изнајмување.

    Мирчевски ни одговори дека таму кај што побарал Иванов простории за неговиот кабинет, таму и добил. Воопшто не му е сугерирано за друго место и за друг простор.

    Вториот мандат на претседателот Ѓорге Иванов му истекува на 12 мај.

    Откако ќе му престане мандатот,  Иванов законски има право на пензија со износ еднаков на платата што ја прима претседателот на државата. Тој, исто така, има право на канцеларија со најмногу три соработници, а има и право на лично обезбедување, а му следува службено возило и возач.

    Претходникот на Иванов, Бранко Црвенковски, користи доживотна претседателска пензија и кабинет. Сопругата и децата  на починатиот претседател Борис Трајковски користат други права предвидени што им следуваат со закон.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари