Обвинителката Ленче Ристоска, која ги води обвиненијата за двата судски предмета против владејачката ВМРО-ДПМНЕ, а која премиерот Христијан Мицкоски без аргументи ја исклучи од трката за Државен обвинител, денеска реагираше на потребата на премиерот да најде подобен и послушен кандидат.
„Кога кандидат однапред се исклучува без анализа на неговата програма и професионален пат, тоа отвора прашања за природата на критериумите што се применуваат. Уверена сум дека избор од вакво значење мора да биде заснован на квалитет, а не на подобност“, вели Ристоска во реакцијата.
Таа укажува дека професионалците во системот мора да знаат оти нивниот труд и стручност се единствената валута што треба да одлучува.
„Во спротивно, ризикуваме да испратиме порака дека без разлика на компетентноста, подобноста е примарна, а тоа не е патот по кој треба да се движи едно демократско општество“, вели Ристоска, која е и македонска обвинителка во Агенцијата на Европската Унија за соработка во кривичната правда (Еуроџаст / Европравда).
Синоќа во тв-интервју на Канал 5, премиерот Мицкоски кажа дека од листата со четворица кандидати за нов Државен обвинител на Македонија која до Владата ја испрати Советот на јавни обвинители, тргната е само Ленче Ристоска.
„Мојот став поврзан со тоа име е апсолутно дека не е во игра. Па еве, искатализиравме барем некаков одговор, од четворица, тројца се во игра“, изјави премиерот на прашањето дали обвинителката која сè уште застапува обвиненија против ексфункционери на ВМРО-ДПМНЕ има шанси за нов Државен обвинител.
Мицкоски долго време јавно ја навредува Ристоска, за што таа најави тужба. Веќе има поднесено против ВМРО-ДПМНЕ што тој ја води, партија која со соопштение до јавноста ѝ предвиде на обвинителката „крај“.
- ПО НАЈАВАТА ОД ВМРО-ДМПНЕ ЗА КРАЈ НА ОБВИНИТЕЛКАТА РИСТОСКА, ТАА ВЕЛИ ДЕКА Е ПОД ПРИТИСОК И ЗАПЛАШУВАЊЕ ЗАШТО КРИВИЧНО ГИ ГОНИ ПАРТИЈАТА И НЕЈЗИНИ ЕКСФУНКЦИОНЕРИ
- ОБВИНИТЕЛКАТА ОД ОЈО СКОПЈЕ И ОД ЕУРОЏАСТ ЛЕНЧЕ РИСТОСКА НЕ ДОБИЛА ИЗВИНУВАЊЕ ОД ВМРО-ДПМНЕ ЗА ЗАКАНИТЕ ЗА НЕЈЗИН „КРАЈ“
С. К. ДЕЛЕВСКА



