Лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села и пратеникот Павле Богоевски им дадоа предлог на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да се оди на предвремени избори, ако предходно претседателот Ѓорге Иванов даде оставка, се продолжи мандатот на СЈО и се формира специјален суд.
Пратеникот Зијадин Села на денешната расправа во Собранието на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ им рече дека по големите работи што ги кажале досега во Парламентот, знае каде им е маката, дека не е ниту декларацијата на Албанците, субвенциите, унитарноста, туку како да се избегне одговорноста пред законот и правдата за откриениот криминал.
„Збор не кажавте за темата која е на дневен ред. Знам каде ви е маката. Заедничката декларацијата на Албанците постоеше и кога вие имавте вие мандат. Имате само една мака, СЈО. Преку ова блокада вие сакате да ја избегнете одговорноста пред правдата и пред законот. Затоа во однос на вашиот предлог за предвремени избори, јас го прифаќам. Меѓутоа, дали сте сигурни дека вашиот претседател Иванов нема да ги прави повторно овие игри и повторно нема да го даде мандатот. Ајде прво заедно да го повикаме на одговорност бидејќи не даде оставка и тука, во Парламентот да го разрешиме. Ако сакате заедно парламентарни избори со локалните, тогаш нека бидат и претседателските. Кога ќе го направиме тоа, ајде заедно да гласаме со двотретинско мнозинство за продолжување на мандатот на СЈО, тој да влезе во Уставот, да формираме специјален суд, а потоа да одиме на предвремени избори, ако сте подготвени. Но, прво прашате го вашиот претседател и кажете. Знам дека не сте подготвени да ги направите овие работи. По сите големи работи што ги искажавте во Парламентот, знам дека кај вас се крие стравот од овие работи“, рече пратеникот Зијадин Села.
И пратеникот од парламентарното мнозинство Павле Богоевски го поддржа предлогот на Села. Тој на својот фејсбок профил напиша:
„Сакате предвремени избори? Добро. Ама да го отповикаме Иванов, а со локалните и парламентарните избори да организираме и претседателски. Пред закажувањето на изборите, Собранието со двотретинско мнозинство да го продолжи мандатот на СЈО и да предвиди Специјален Суд за делата од надлежност на СЈО. Сакате предвремени избори? Бујрум. Ова е личен, а не коалициски став“.
Деветнаесеттото продолжение на собраниската расправа за избор на Комисиајта за избори и именувања продолжи со реплики и контрареплики меѓу пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Пратениците на СДСМ денес не дискутираа. До сега се поминати 11, од пријавените 51 пратеник за дискусија.