Локалните избори во Македонија им даваат чист мандат на новите градоначалници и советници за тоа како граѓаните сакаат да изгледаат локалните власти во нивните општини, изјави вчераа портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич.
Во изјавата стои дека сега „акцентот треба да се стави на придвижување на реформската агенда насочена кон ЕУ преку инклузивен процес, во интерес на сите граѓани“.
Таа ги повтори оценките на ОБСЕ/ОДИХР дека „двата круга беа одржани во атмосфера на натпревар преку почитување на основните слободи, иако беа забележани одредени слабости“.
Во изјавата стои дека „забелешките и жалбите од учесниците во изборите треба да се насочат кон релевантните државни институции, во согласност со установените процедури и во рамките на законските рокови“, при што „важно е сите лидери да се однесуваат одговорно, за да ја зголемат довербата на граѓаните во државните институции и во политичките процеси“.