ИЗГЛАСАН ЗАКОНОТ ЗА ЗАШТИТЕНИ СВЕДОЦИ, ЗА ДРУГИТЕ РЕФОРМСКИ ЗАКОНИ ПРАТЕНИЦИТЕ НА ВМРО-ДПМНЕ НЕ СЕ УСОГЛАСЕНИ КАКО ДА ГЛАСААТ

    ИЗГЛАСАН ЗАКОНОТ ЗА ЗАШТИТЕНИ СВЕДОЦИ, ЗА ДРУГИТЕ РЕФОРМСКИ ЗАКОНИ ПРАТЕНИЦИТЕ НА ВМРО-ДПМНЕ НЕ СЕ УСОГЛАСЕНИ КАКО ДА ГЛАСААТИзвори од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ велат дека викендов ќе продолжат консултациите за усогласување на ставовите. - Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ на вчерашната седница за интерпелација на Владата (Фото: СДК.МК)

    Собранието ги изгласа измените на Законот за заштита на сведоци со 83 гласови „за“. За измените гласаа и пратениците од власта и од опозицијата. Измените и дополнувањата на Законот за заштита на сведоци се дел од реформските закони за кои што е потребно двотретинско мнозинство за да бидат изгласани.

    Со измените е предвидено не само Јавниот обвинител да знае кој ќе биде заштитен сведок, туку за тоа одлука да носи совет од пет лица. Овој закон повеќе пати го бараше Специјалното јавно обвинителство (СЈО) да биде донесен за да може да ги води постапките.

    „Јавниот обвинител со предлозите имаше ексклузивно право да одлучува за изменување на идентитетот на сведок. Тоа ја отвораше можноста да се применува селективна правда. Со нашите забелешки кои беа прифатени, се подобри законот, донекаде ќе биде правдата задоволена. Се донесе закон кој е подобар од тој што го предлагаше СДСМ“, рече Стаменковска Невенка, пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ.

    Собранието требаше денес да ги изгласа и измените на Законот за судови и за Јавно обвинителство, исто така дел од законите кои се носат со двотретинско мнозинство. Но, по завршување на седницата на која беше изгласани измените на Законот за заштита на сведоците, претседателот на Собранието Талат Џафери ги скокна двете седници на кои требаше да се гласаат измените на законот за судови, за Јавно обвинителство и за кривична постапка.

    Неофицијално, извори од Собранието за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека седниците на кои требаше да се расправа за измените на законите за Судовите, за Јавното обвинителство и за Кривична постапка, биле скокнати поради тоа што не можеле во пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ да се договорат како да гласаат.

    „Дел сакаат, дел не. Немаме усогласеност дали да гласаме или не. Имавме долга координација денес, но, не се договоривме. Кога ќе има конечен договор, ќе се види кога законите ќе бидат ставени на гласање“, изјавија за САКАМДАКАЖАМ.МК, пратеници од опозицијата, кои не сакаа да дадат официјална изјава.

    Извори од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ велат дека викендов ќе продолжат консултациите за усогласување на ставовите и се надеваат дека в понеделник ќе бидат гласани последните реформски закони.

    Вкупно денеска Собранието изгласа измени на три закони од реформскиот пакет за кои е потребно двотретинско мнозинство.

    Собранието ги донесе измените на и измените на законот за оперативно-техничка агенција (ОТА) и на Законот за следење на комуникациите. Од пакетот реформи, останува да се гласаат измените на законите за судови, за јавното обвинителство и на Законот за кривична постапка.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира