ИЗРЕЧЕН 8-ДНЕВЕН ПРИТВОР ЗА АЛАБАКОВСКИ, СЕ ТОВАРИ ЗА ПРЕДИЗВИКУВАЊЕ ОПШТА ОПАСНОСТ

    ИЗРЕЧЕН 8-ДНЕВЕН ПРИТВОР ЗА АЛАБАКОВСКИ, СЕ ТОВАРИ ЗА ПРЕДИЗВИКУВАЊЕ ОПШТА ОПАСНОСТАлабаковски е осомничен за кривично дело – предизвикување општа опасност за подметнување пожар во кој се запали вратата на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола. (Фото: Принтскрин од видео)

    На пејачот Ламбе Алабаковски судија на претходна постапка му одреди притвор во траеше од осум дена. Според Основното јавно обвинителство до Битола, бидејќи постои опасност осомничениот да се даде во бегство, особено со оглед на фактот што тој има двојно државјанство на Македонија и на САД каде живеел до неодамна, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор.

    Алабаковски е осомничен за кривично дело – предизвикување општа опасност од член 288 став 1 од Кривичниот законик, за подметнување пожар во кој се запали вратата на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола.  Од Обвинителството во Битола соопштија дека постои основано сомнение дека пријавениот 34-годишник на 4 јуни, во раните утрински часови, со пожар предизвикал значителна опасност по имотот од големи размери. Тој истурил бензин врз влезната врата од Културниот центар „Ванчо Михајлов“ во Битола, ставил фитил на прагот и го запалил.

    Денес Алабаковски беше уапсен од полициски службеници од Одделението за криминалистичка полиција при СВР Битола. Претходно беше извршен претрес во домот и други простории кои ги користел на две локации во Битола, при што биле пронајдени и одземени предмети поврзани со кривичното дело. Тој го призна делото.

    Клубот беше потпален во саботата пред доаѓањето на министерката за надворешни работи на Бугарија , Теодора Генчовска, на работна средба со колегата од Македонија, Бујар Османи.

    Во неделата, Алабаковски учествуваше на Фолк фест Валандово, каде за првпат пееше народна песна.

    Утре во Битола, Левица организира протест барајќи слобода за Алабаковски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира