Вчера кај млад пациент е извршена трансплантација на срце од починат дарител, соопшти Министерството за здравство. Ова е седма транспатација на срце од починат дарител во земјава.
Откако семејството на пациент кај кого била констатирана мозочна смрт дало согласност за донирање на органите, доцна во ноќта започала експлантацијата, а веднаш потоа и трансплантацијата најпрво на срцето, а утрово и на двата бубрега. Уште неколку пациенти во наредните денови ќе можат да добијат коскени ткива.
„Со нивната хумност и одлуката да ги донираат органите, ова семејство подари живот на најмалку тројца пациенти, а на сите нас да ни донесе утро полно надеж. И за тоа сме им бескрајно благодарни. Благодарност и до медицинските тимови од сите клиники вклучени во експлантацијата и трансплантацијата, кои изминатото деноноќие неуморно работеа и сè уште работат“, велат од Министерството за здравство.
Во мај 2020 на Клиниката за кардиохирургија беше изведена првата експлантација, а потоа и трансплантација на срце од починат донор во нашата земја.
А. АНТЕВСКА