Еврокомесарот Јоханес Хан денеска на конгресот на Европските народни партии (ЕПП) во Хелсинки се сретна со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. По средбата Хан твитна дека ја поздравува посветеноста на Мицкоски, да не го попречува Преспанскиот договор во Собранието.
„Корисен разговор со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на конгресот на ЕПП во Хелсинки. Бев кристално јасен дека ратификацијата на Преспанскиот договор мора сега брзо да се заврши, без никакви пречки. Ја поздравувам неговата посветеност да не ја попречува постапката во Парламентот. За евроинтеграцијата треба лојална опозиција“, напиша Хан на својот Твитер профил.
Мицкоски по средбата со Хан на својот Фејсбук профил напиша дека го информирал еврокомесарот за политичкиот прогон и злоупотребата на правосудството против ВМРО-ДПМНЕ, и како што вели посочил дека членството на Република Македонија во Европската унија преставува стратешки интерес за ВМРО-ДПМНЕ.
На конгресот на ЕПП, поканети се две делегации на ВМРО-ДПМНЕ.
Покрај актуелното раководство предводено од Мицкоски кој во Хелсинки отиде заедно со Александар Николовски, Влатко Ѓорчев и Тимчо Муцунски, поканети се реформаторите Петар Богојески и Костадин Богданов, но и избрканиот Никола Тодоров, како и разрешениот потпретседател Митко Јанчев.
Поканата од претседателот на ЕПП Жозеф Дол ја прифатиле Тодоров и Богојески, а Богданов и Јанчев најавиле дека од објективни причини нема да присуствуваат.
А. АНТЕВСКА