Притворениот Јане Ченто, обвинет за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 година, испратил писмо до управата на затворот во Шутка кај што ја издржува мерката, со кое си ја бара ќелијата назад. Тој е преместен во друга ќелија по инцидентот со затворската полиција за мобилен телефон, кој по наоѓањето кај него, одбил да им го даде.
Во писмото до директорот Ѓоко Котевски и до вработените во затворот, Ченто признава дека погрешил и дека е виновен за инцидентот на 18 јануари оваа година. Во писмото, притвореникот Ченто навел дека тој лично ја прифаќа одговорноста за постапката која била предизвикана од негово погрешно однесување, и се извинил.
Притвореникот Ченто во писмото побарал простување, но и да биде вратен во собата во која бил пред настанот со кој го наруши редот во затворот.
Котевски вели дека како и секое, и барањето на Ченто ќе биде разгледано и тој ќе биде известен за одлуката.
С. К. ДЕЛЕВСКА