ЈАНЕВА СЕ БРАНЕЛА СО МОЛЧЕЊЕ, ЛИЧНО ЌЕ ВРШИ УВИД ВО ДОКАЗИТЕ ПРОТИВ НЕА

    ЈАНЕВА СЕ БРАНЕЛА СО МОЛЧЕЊЕ, ЛИЧНО ЌЕ ВРШИ УВИД ВО ДОКАЗИТЕ ПРОТИВ НЕАЈанева денеска околу пладне беше спроведена на распит кај Вилма Русковска, шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција. (Фото: Роберт Атанасовски/пул)

    Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева се задржа помалку од час на распит во Обвинителството за организиран криминал и корупција како третоосомничена во случајот „Рекет“, по што беше вратена во затворот во Шутка. Таа, според неофицијални извори од обвинителството, се бранела со молчење.

    Нејзината адвокатка Ирена Фрчкоска по распитот кажа дека Јанева ќе го искористи правото лично да врши увид во доказите против неа и дека тоа ќе се случи в четврток. Фрчкоска рече и дека со завршувањето на истрагата отпаѓа можноста нејзината клиентка да влијае на сведоци и ќе побара од судот да биде пуштена од притвор.

    Јанева е во притвор од 21 август, кога беше уапсена за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластувања. Вчера, на распит кај Вилма Рускоска, шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција, беше Бојан Јовановски-Боки 13, кој, исто така, одби да даде исказ пред да ги види доказите против него.

    Од Обвинителството за организиран криминал и корупција вчера соопштија дека истражната постапка за осомничените лица е завршена и почнува да тече рокот од 15 дена за увид во доказите и правото на одбраната да предлага докази во корист на осомничените.

    Во притвор за случајот „Рекет“ е и второосомничениот Зоран Милески-Кичеец, кој беше уапсен на 15 јули, истовремено со Боки 13.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира