Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека вчера дознал за заканите напишани кон него на социјалните мрежи, каде што одредено лице го нарекувало погрдно, упатувало навреди и пцовки кон него и неговото семејство и се заканувало со убиство на плоштад. Мицкоски кажа дека тој сепак претставува институција, додавајќи дека доколку не бил на функцијата, знае како се решаваат таквите работи. Тој додаде дека полицијата веќе го обезбедила лицето и изрази очекување правосудниот систем да го спроведе случајот соодветно.
„Јас дознав во текот на вчерашниот ден за овие закани кои што се напишани на социјалните медиуми од ова лице, дека сум бил свиња и дека ќе ме колел на плоштад. И упати пцовки кон мене и… упатил пцовки кон мене и моето семејство. Јас сум сепак институција. Кога не би бил, знам како се решаваат тие работи, но претпоставувам дека институциите си ги преземале своите надлежности и преку Министерството за внатрешни работи е обезбедено лицето и се надевам понатаму правосудниот систем ќе истото тоа го спроведе онаму каде што му е место“, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање на настан во Табановце.
По повод овој настан, Основното јавно обвинителство Куманово поведе постапка против 39-годишен жител на селото Черкези поради основано сомнение за кривично дело загрозување на сигурноста. Според обвинителството, осомничениот преку пораки на социјалните мрежи го навредувал и упатувал директни закани кон шефот на Владата.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за одредување мерка притвор. Барањето се темели врз проценката на околностите на делото, ризикот од бегство, но пред сѐ врз фактот дека осомничениот веќе се јавува како сторител на дела од областа на насилниот криминал, насилство, лихварство и поголем број нарушувања на јавниот ред и мир. Според обезбедените докази на обвинителството, станува збор за конфликтна личност која постојано влегува во расправии и физички пресметки, поради што постои реална опасност агресивните испади да прераснат во потешки дела со животозагрозувачки последици.



