ЈАВЕН ОБВИНИТЕЛ ПОБАРА УСЛОВНА КАЗНА ЗА ЛИЦЕ КОЕ НА СОЦИЈАЛНА МРЕЖА Ѝ СЕ ЗАКАНИ ПО ЖИВОТОТ НА УСТАВНАТА СУДИЈКА АНА ПАВЛОВСКА-ДАНЕВА

    ЈАВЕН ОБВИНИТЕЛ ПОБАРА УСЛОВНА КАЗНА ЗА ЛИЦЕ КОЕ НА СОЦИЈАЛНА МРЕЖА Ѝ СЕ ЗАКАНИ ПО ЖИВОТОТ НА УСТАВНАТА СУДИЈКА АНА ПАВЛОВСКА-ДАНЕВАОбвинетиот се заканил дека ќе стори кривично дело – Убиство за кое е пропишана затворска казна од најмалку 10 години, на судијката на Уставниот суд како известителка на предметот за застарување на долговите. (Фото: СДК.МК)

    Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, до Основниот кривичен суд Скопје доставил Предлог за издавање казнен налог против едно лице за кривично дело – Загрозување на сигурноста согласно член 144 став 5 од Кривичниот законик. На 21 јуни, на една од социјалните мрежи обвинетиот се заканил дека ќе стори кривично дело – Убиство од член 123 став 2 од Кривичниот законик за кое е пропишана затворска казна од најмалку 10 години, спрема судијката на Уставниот суд Ана Павловска-Данева.

    „На својот профил на социјална мрежа, незадоволен од одлука на Уставниот суд во врска со законот за застареност на долгови, обвинетиот објавил пост со закани дека ќе го стори кривичното дело, директно споменувајќи ја посочената уставна судијка, со што кај оштетената предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв. Со казнениот налог обвинителството предлага на обвинетиот да му биде изречена кривична санкција – условна осуда со која ќе му биде определена казна затвор од три месеци која нема да се изврши доколку тој не стори ново кривично дело во рок од една година од правосилноста на пресудата“, соопшти ОЈО Скопје.

    На минатата седница мнозинството од уставните судии застанаа зад предлогот на известителката за предметот за застарувањето на долговите Павловска-Данева и ги укина одредбите со кои застарувањето од 10, беше поместено на 5 години.

    На брифингот со новинарите, судијката Ана Павловска-Данева кажа дека Уставниот суд нема проблем со рокот на застарувањето и оти Собранието уште веднаш може да донесе измена со која за една година ќе застаруваат долговите на граѓаните, но дека Уставниот суд има проблем со ретроактивноста на законот, бидејќи тоа нашиот Устав не го дозволува.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира