ЈАВНИОТ ДОЛГ ЌЕ СЕ ЗГОЛЕМИ ЗА ОКОЛУ 0,3 ОТСТО ОД БДП, ОТКАКО ВО НЕГО ЌЕ ГО ВРАТИМЕ НЕГАРАНТИРАНИОТ ДОЛГ, ВЕЛИ ТЕВДОВСКИ

    ЈАВНИОТ ДОЛГ ЌЕ СЕ ЗГОЛЕМИ ЗА ОКОЛУ 0,3 ОТСТО ОД БДП, ОТКАКО ВО НЕГО ЌЕ ГО ВРАТИМЕ НЕГАРАНТИРАНИОТ ДОЛГ, ВЕЛИ ТЕВДОВСКИСпоред министерот за финансии Драган Тевдовски јавниот долг е под контрола, а откако во него ќе го вратат негарантираниот долг на јавните претпријатија тој ќе се зголеми за 0,3 отсто од БДП или за околу 30 милиони евра. (Фото: Министерство за финансии)

    Јавниот долг ќе се зголеми за околу 0,3 проценти од бруто-домашниот производ (БДП) или тој ќе се зголеми за околу 30 милиони евра, откако во него ќе влезе и негарантираниот долг, односно долговите што ги имаат државните јавни претпријатија за кои гаранција не дало Министерството за финансии.

    Според министерот за финансии Драган Тевдовски со измените на Законот за јавен долг, кој е во собраниска процедура, во вкупната сума на јавниот долг го враќаат и негарантираниот јавен долг, кој 2014 година претходната влада го извадила и немало реален показател колку изнесува. Според него со стратегијата за јавен долг и останатите мерки за фискална транспарентност се многу важни за враќање на довербата кај инвеститорите.

    „Според препораките од Европската унија и според препораките од Меѓународниот монетарен фонд во јавниот долг го враќаме негарантираниот долг, и со тоа јавниот долг ќе пораснe за 0,3 отсто. Тоа се главно долгови на јавните претпријатија, за кои државата не дала гаранција“, рече Тевдовски.

    Тој кажа дека јавниот долг е под контрола и дека за него известуваат транспарентно и со веродостојни податоци.

    „Во периодот од 2008 година oд 2016 година јавниот долг драстично се зголемил, односно од 23,3 отсто од БДП, на крајот на 2016 година јавниот долг беше 48,8 отсто. Со мерките што ги преземаме јавниот долг сега е намален и изнесува 48,7 отсто. Велиме дека долгот е под контрола, бидејќи каматните стапки на државните записи се значително намалени, како на домашниот така и на меѓународниот пазар. На почетокот на 2016 година каматата за 12-месечни записи без девизна клаузула изнесувала 2,6 отсто, на почетокот на 2017 – 2,1 отсто, сега таа е намалена на 0,8 отсто. Издејствуваме најниска каматна стапка од 2,75% за еврообврзницата од 2018 година, а претходните еврообврзници имале камати во распон од 4 до 10 отсто“, рече Тевдовски.

    Тој вели дека е зголемена е и рочноста на портфолиото и дека е преполовен е бројот на аукции што го прави долгот полесен за сервисирање.

    „Земјата неодамна пристапи кон највисокиот статистички стандард СДДС плус, кој го исполнуваат само 18 земји во светот, односно земјите од Европската унија и САД.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира