ЈАВНОТО ЗДРАВСТВО ПРОТЕСТИРАШЕ ЗА ПОКАЧУВАЊЕ НА ПЛАТИТЕ И УСОГЛАСУВАЊЕ СО МИНИМАЛНАТА ПЛАТА

    ЈАВНОТО ЗДРАВСТВО ПРОТЕСТИРАШЕ ЗА ПОКАЧУВАЊЕ НА ПЛАТИТЕ И УСОГЛАСУВАЊЕ СО МИНИМАЛНАТА ПЛАТАНа протестот излегоа и здравствените работници од Клиниката за хируршки болести „СВ. Наум Охридски“ во Скопје. (Фото: К. Попов)

    Здравствените работници од јавно-здравствените установи во Скопје и во повеќе градови низ земјава денеска излегоа на получасовен протест пред институциите, барајќи покачување на платите и усогласување со промените на минималната плата. Овој период Владата нема министер за здравство, откако досегашниот, Беким Сали, поднесе оставка по најавената реконструкција од премиерот Димитар Ковачевски. Од партијата Алијанса, за нов министер за здравство го предлагаат Фатмир Беџити. Постапката за реконструкцијата на Владата уште трае во Собранието, без конкретен рок кога треба да заврши.

    Јавното здравство ја зема јануарската плата со задоцнување од десетина дена, поради хакерски напад на системот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ).

    Пред Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје протестот го организираше Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, заедно со членовите на Синдикалната организација од болницата „8 Септември“, како и дел од вработените во болницата.

    „Протестот е за две барања – сакаме да испратиме јасна порака до надлежните, посебно до социјалните партнери и да го искажеме нашето незадоволство по основ на доцнење на исплатата на платите како и да го потенцираме второто незадоволство во делот на она што сѐ уште не се случи, а тоа е потпишување на анексот на колективниот договор за гранковиот синдикат во смисла на покачување на платата. На повидок е покачување на минималната плата од март 2023, а тоа ќе го направи другиот проблем. Таа минимална плата ќе ни направи изедначување на платите до петтта група на сложеност во која се наоѓаат медицинските сестри со средно обазование. Така би било многу неповолно во самото колективно договарање, би настанал апсурд во колективното договарање – медицинските сестри со средно да имаат минимална плата која има третман на социјална категорија. Нашето второ барање е покачување на платата за сите вработени во здравството. Се надеваме дека анексот кој го имаме подготовено, заедно со Министерството за здравство и Фондот за здравство ќе стигне до надлежните, до финансии и труд и социјала, а премиерот да го овласти министерот за здравство да го потпише сето тоа. Сега сме во вакуум простор поради смена на министерот за здравство. Од утре ја очекуваме средбата со премиерот за да укажеме на незадоволството кое постои кај здравствените работиници и кое може да биде уште поголемо, ако не се реализираат барањата“, рече д-р Љубиша Каранфиловски од Самостојниот синдикат.

    Тетовските лекари и друг медицински персонал велат дека иако платата им е пуштена вчера, не е во ред цел месец да останат без пари и дека платата сé уште не е исплатена во сите медицински установи во државата. (Фото: З. Андонов)

    Здравствени работници за време на паузата протестираа пред и пред Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје во организација на Синдикатот на Клинички.

    „Согласно со европското законодавство, овој упад со нацрт законот за плати, во колективните договори, може да значи укинување или намалување, на правата работниците пропишани на согласно овие колективни договори. За година од првичното покачување на минималната плата и доближувањето на другите пониски профили кон профилот на медицински сестри, се направи збрка во коефициентите. Со најавата за ново зголемување на минималната плата во март, уште повеќе ќе ги доближи другите профили до профилот медицинска сестра“, изјави Гордана Димеска од Синдикатот на Клинички центар.

    Еден искусен технички персонал со подолг стаж,  рече таа, ќе зема поголема плата од медицинска сестра.

    „Да не бидам погрешно разбрана. Дефицитот не е само во здравствените работници туку и во другите профили. Голем одливот на медицински сестри, пет до шест илјади ја напуштиле земјава последниве три до пет години“, додаде таа.

    На полчасовен протест излегоа и Синдикалната организација на Клиничката болница, ЈЗУ Здравствен дом и болницата во Лешок, во организација на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, а го поддржаа речиси сите доктори и другиот медицински персонал од овие здравствени установи.

    „Денеска излеговме на протест поради доцнењето на платата што беше само капка која ја прели чашата на незадоволството во здравството. Незадоволни сме поради сé уште не потпишаниот анекс на колективниот договор за покачување на платите. Денеска протестираме и за неисплатата на К-15 бидејќи за здравството повторно нема исплата, протестираме и за непотпишувањето на новиот  колективен договор со кој треба да се унапредат правата на здравствените работници“, изјави Слободанка Грчаровска, претседателка на Синдикалната организација.

    Тетовските лекари и друг медицински персонал велат дека иако платата им е пуштена вчера, не е во ред цел месец да останат без пари и дека платата сé уште не е исплатена во сите медицински установи во државата.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира