За непречено прибирање на доказите, како од податоците од мобилните телефони на Стојанче Јовановски и од жртвата – неговата сопруга Ивана која вчера си го одзеде животот во прегратка со 6-годишната ќерка, така и преку разговорите со соседите кои сведочат за континуирано тепање на Ивана од него, Кривичниот суд Скопје одобри 48-часовен притвор за осомничениот.
Во наредните два дена треба изјави да дадат и полициските службени лица кои постапувале по пријавите на Ивана за семејно насилство од нејзиниот сопруг (кои потоа со изјава ги повлекувала), како и надлежните во Центарот за социјални работи – Скопје, ако воопшто се бавеле со теророт што го трпела оштетената.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик. Притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата. По предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор“, кажа вечерва Обвинителството.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски рече дека младата жена пред да си го одземе животот, била прво натепана од сопругот, за што пријавила во полиција. Потоа ја повлекла изјавата, но Тошковски рече дека постои видеоснимка како ја тепа сопругот Стојанче, само два часа пред таа со детето во да скокне од балкон во висококатница во скопски Карпош.
„Има видеозапис каде се гледа како сторителот, сопругот, ја удира жртвата. Тоа се случило истиот ден“, кажа министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Според службените белешки, по ќотекот жената потпишала изјава со која се откажува од пријавата.
„Немавме физички контакт со сопругот, туку недоразбирање. Не барам понатамошна полициска постапка. Не станува збор за семејно насилство, брачните односи ќе ги решаваме по мирен пат, со развод“, прочита што кажала жртвата Тошковски на денешната прес-конференција.
Додаде дека ќе се испитува дали тоа го кажала од страв, под притисок и закани од насилникот.
На новинарско прашање за овој случај, но и за сериското убиство на жени во Кумановско што полицијата ги затворала како природна смрт, Панче Тошковски одговори дека не тврди оти полицијата постапила 100 отсто перфектно во овој случај и оти сите аспекти ќе се истражат.
Додаде дека секој што ќе биде посочен дека е сторител на семејно насилство, без разлика дали е маж или жена, ќе биде повикан на информативен разговор во полиција. И потенцијален сторител на семејно насилство, и тој/таа ќе бидат повикани на информативен разговор, зашто тоа сега го дозволува Законот за полиција.
За жал насилникот Стојанче бил третиран по старите законски одредби. Тошковски рече ќе им бидат пратени телеграми на сите полициски станици во Македонија, отсега да ги применуваат новите одредби за ургентни, итни и широки овластувања на полицијата при семејни насилства.
Во овој случај се исклучува убиство, зашто Јовановски не бил во тој момент во станот. Неговата сопруга и девојчето биле сами и заклучени одвнатре. Сепак, на осомничениот му се ставаат на товар три тешки кривични дела – наведување на самоубиство, нанесување на тешки телесни повреди и загрозување на сигурноста.
Изминатите две години против Јовановски имало десет кривични пријави поврзани со имотни деликти, со насилен криминал и со недозволена трговија со дрога. Тој бил под мерки на претпазливост.
Во 2025 и 2026 година биле евидентирани повеќе пријави за нарушени односи меѓу сопружниците. Полицијата постапувала и преземала мерки, но секогаш оштетената се повлекувала од поднесените пријави, а причините зошто го правела тоа, се истражуваат.
Според Министерството за социјална политика, демографија и млади, Ивана заедно со сопругот за првпат се евидентирани во Центарот на 7 октомври 2025, по барање на Основниот граѓански суд за постапување по тужба за развод на брак.
С. К. ДЕЛЕВСКА



