ЈОВЕСКИ ДА СИ ГО ПОГЛЕДНЕ ДВОРОТ МЕСТО ДА НАПАЃА СУДИИ, МУ ОДГОВОРИ КРИВИЧНИОТ СУД НА ЈАВНИОТ ОБВИНИТЕЛ

    ЈОВЕСКИ ДА СИ ГО ПОГЛЕДНЕ ДВОРОТ МЕСТО ДА НАПАЃА СУДИИ, МУ ОДГОВОРИ КРИВИЧНИОТ СУД НА ЈАВНИОТ ОБВИНИТЕЛОд судот бараат во иднина обвинителството да се однесува со повеќе почит кон судиите и судиската функција. - Јавниот обвинител Љубомир Јовески; Претседателот на Основниот кривичен суд Иван Џолев (Фото: СДК.МК)

    Јавниот обвинител Љубомир Јовески и обвинителството да си погледнат во сопствениот двор наместо редовно и неосновано да ги напаѓаат судот и судии после секоја судска одлука со која не се задоволни, соопшти утринава Основниот кривичен суд откако вчера Јовески рече дека на судијката која го ослободи Драган Павловиќ – Латас од обвинението за бесправна градба не ѝ е местото во правосудството.

    „Во однос на вчерашната изјава на Јавниот обвинител на РСМ, Кривичниот суд – Скопје укажува на обвинителството наместо редовно и неосновано да го напаѓа судот и судиите после секоја судска одлука од која не се задоволни, да си погледне во сопствениот двор“, се вели во соопштението.

    Од Основниот кривичен суд велат дека судот и судиите работат согласно законските одредби, го почитуваат начелото на еднаквост на оружјата, уставно загарантираните права и слободи и одлучуваат врз основа на доказите и аргументите, а не врз основа на лични желби на странките во постапката, а секоја првостепена одлука на Кривичниот суд се преиспитува од повисоките судски инстанци, по изјавена жалба од незадоволната страна.

    На крај, од судот бараат во иднина обвинителството да се однесува со повеќе почит кон судиите и судиската функција, нивните коментари и изјави да се во рамки единствено на нивните надлежности, а не на паушални обвинувања.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира