Државното јавно обвинителство ги задолжи Вишите и Основните јавни обвинители од денеска истрагите и целиот принцип на работа да го организираат според заклучоците на 19. седница на Владата на Република Северна Македонија и приоритет да им дадат на кривичните пријави кои се однесуваат на пренесување на заразни болести.
„Во постапувањето приоритет им се дава и веднаш се земаат во работа кривичните пријави кои се однесуваат на кривични дела: Пренесување заразна болест, Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија, Несовесно лекување болни, Неукажување медицинска помош, Спречување службено лице во вршење на службено дејствие, Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста, Организирање на отпор, кривични пријави од надлежни институции во врска со донесените одлуки, мерки и препораки од други надлежни институции за справување со појавата и ширењето на коронавирусот COVID-19“, е првата наредба до обвинителите.
Дежурствата се остваруваат согласно донесените распореди, а ако треба да се преземат повеќе предистраги и истраги, ќе се ангажираат и други јавни обвинители и административен персонал.
Јавните обвинител ќе може да работат и од дома, кога не сослушува осомничени и сведоци, а ако биде недостапен за Обвинителството, ќе отиде под дисциплинска одговорност.
Шефот на секое обвинителство ќе одреди кои се приоритетни предмети, а кои може да почекаат до создавањето на редовни услови за нивно преземање.
Пред влегувањето на странките и другите учесници во постапката во објектите на Јавните обвинителства, задолжително се применуваат мерките за дезинфекција и здравствена заштита, а во просториите во кои се сослушуваат странки, да се постапи согласно препораките за здравствена заштита и да се обезбеди неопходната физичка оддалеченост на присутните учесници, наредува Државниот обвинител Љубомир Јовески.
За закажаните судења и судските рочишта, јавните обвинители да постапуваат согласно упатствата и насоките на Судскиот совет и претседателите на судовите.
Останува на сила задолжителното за постапување на ОЈО Дебар, Кичево и Гостивар за време на кризната состојба прогласена од Владата на Република Северна Македонија во општините Дебар и Центар Жупа од 13.3.3020 година.
Ова задолжително упатство стапува во сила веднаш.
С. К. ДЕЛЕВСКА