ЈОВЕСКИ СЕ ПОЗДРАВИ СО ЈАВНОСТА И ФУНКЦИЈАТА, ОДИ ВО ПЕНЗИЈА ЗАДОВОЛЕН ОД РЕЗУЛТАТИТЕ, НО СМЕТА ДЕКА ОБВИНИТЕЛСТВОТО МОЖЕ ПОВЕЌЕ

    ЈОВЕСКИ СЕ ПОЗДРАВИ СО ЈАВНОСТА И ФУНКЦИЈАТА, ОДИ ВО ПЕНЗИЈА ЗАДОВОЛЕН ОД РЕЗУЛТАТИТЕ, НО СМЕТА ДЕКА ОБВИНИТЕЛСТВОТО МОЖЕ ПОВЕЌЕЈовески прашува: „Дали во изминатите шест години можевме и подобро и повеќе? Сигурно да, но во ниту еден момент не сум престанал да се залагам за повеќе и за подобри резултати“. (Фото: СДК.МК)

    Со гордост, задоволство и чест во изминатите шест години ја извршував функцијата Јавен обвинител на Република Северна Македонија, вели во прошталната порака државниот обвинител Љубомир Јовески, за кого Обвинителството било цел на напади, често и од непознавање на работите дека оваа институција за гонење на криминалот се „храни“, всушност, од резултатите на работењето на органите на откривање на криминал.

    Ќе остане запаметен дека во неговиот шестгодишен мандат Обвинителството се отвори кон јавноста со секојдневни соопштенија за тоа што сработело, но и по тоа дека додека државата се краде до степен да угине, Обвинителството за организиран криминал не го следи тој чекор, како да е цело време на одмор.

    За спасување на претходните истраги и обвиненија за корупција, пак, се погрижи Собранието, односно СДСМ, ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ.

    „Во изминатите шест години, Јавното обвинителство го започна процесот на трансформација од целосно затворена, кон институција отчетна и достапна за граѓаните. Состојбите не се лесни, но сепак покажавме и покажуваме истрајност во реформите, а тоа веќе го препознаваат и сите меѓународни институции. Во последниот извештај на Европската комисија навистина се ниски оценките за борбата против корупцијата во земјава и од тоа не можеме да бидеме задоволни. Но, ниту една критика не е насочена директно кон обвинителството. Напротив, се инсистира државата да ги обезбеди и да ги зголеми ресурсите за непречена работа на Јавното обвинителство. Сакам да истакнам дека често поради непознавање на реалната состојба или намерно, правосудството, а со тоа и Јавното обвинителство, се цел на неосновани напади“, смета овој долгогодишен судија и обвинител.

    Јовески смета дека се создаде атмосфера дека довербата во обвинителската работа е нереално многу ниска. Истакнува една работа непозната за јавноста, односно за оние граѓани кои немале мака и потреба досега лично да поднесат кривични пријави до Обвинителството за неправди и оштетувања кои не се гонат по службена должност.

    „На пример, покрај другите предмети правосудството постапува и по граѓански во кои одлуката е во корист само на едната страна. И покрај тоа, во значителен број предмети странките ја прифатиле донесената одлука и не изјавиле жалба. Во Јавното обвинителство, пак, бројот на поднесени кривични пријави од граѓани од година во година расте, што исто така е показател дека довербата на граѓаните во нашата работа се зголемува и е многу повисока од презентираната“, вели Јовески во прошталната порака.

    Прашува: „Дали во изминатите шест години можевме и подобро и повеќе? Сигурно да, но во ниту еден момент не сум престанал да се залагам за повеќе и за подобри резултати“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира