Петре Шилегов, адвокат на обвинетиот Шофкет Хазари, остро го нападна обвинението и главниот обвинител за катастрофалниот пожар во Кочани, кого го праша и кај бил тој овие 13 години да го спречи тоа што му се случувало пред носот во неисправната дискотека.
На Хазари му се става на товар дека бил свесен дека може да настапи штетна последица и се согласил со нејзиното настанување.
„Не е возможно тој од 13 декември 2013 година до 28 март 2019 година да се согласил дека на 16 март 2025 година ќе има пожар во клуб во Кочани“, рече Шилегов.
„Зошто имаме поранешни, а не актуелни министри? Зошто во обвинението имаме поранешни директори, а немаме сегашни? Што ви значи тоа толкување на каузалитетот? Ако не обвинувате овде за јавашлук, тогаш обвинителе, што правевте вие 13 години во Кочани?“, праша адвокатот на Хазари.
„Има дела кои можеби ги сториле, ама не се овие: злоупотреба на службената положба, несовесно работење во службата… Ако застареле, што да правиме ние?“, додаде Шилегов.
Шилегов побара обвинителството да го повлече обвинението и да ја сработи истрагата на правна основа. Нанесување неправда на недолжни луѓе е нова трагедија, рече Шилегов.
„Со целосна почит кон обвинителството, ова обвинение не заслужува да го носи името на мојот клиент. Правно поаналфабетски памфлет од ова немам видено“, рече Шилегов.
За обвинетиот Зоран Николовски од Министерството за економија зборуваше адвокатот Еленко Миланов кој рече дека учествувал во изработката на таа лиценца од 2012 година за „Пулс“ како контролор. Тој покрај другите надлежни лица го ставил својот потпис, откако Пазарниот инспекторат, МВР и сите надлежни органи се потпишале дека клубот ги исполнува условите за да добие лиценца.
„Таа лиценца се издава секоја година и е непренослива. Тој е обвинет за таа лиценца од 2012 и каква врска има со лиценца во време на пожарот на 16 март 2025 година?“, праша Миланов.
Тој посочи име од Министерството за економија на службеничка, која како контролор се јавувала на неколку лиценци за „Пулс“, но дека неа ја нема во обвинението, а Николовски го има.
Софија Лаличиќ, бранителка на двајца службеници од Министерството за економија, рече дека оваа трагедија не може да биде ставена на грбот на службеници кои утврдувале комплетност на документација и технички пропусти, а не и исправност на документите, на дискотеката и слично. Рече дека виновните се надвор од судницата, но оти не е нејзино да каже кои се тие лица и институции.
Уште траат воведните зборови на судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ во март 2025 година, во кој загинаа 63 млади лица и над 200 беа повредени.
С. К. ДЕЛЕВСКА



