КАЈ НИТУ ЕДНО ДЕТЕ ШТО ПРЕЛЕЖАЛО КОВИД-19 НЕ СЕ ЗАБЕЛЕЖАНИ ПОСТКОВИД КОМПЛИКАЦИИ НИТУ ВО КОЗЛЕ НИТУ НА ДЕТСКА КЛИНИКА, ВЕЛАТ ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО

    КАЈ НИТУ ЕДНО ДЕТЕ ШТО ПРЕЛЕЖАЛО КОВИД-19 НЕ СЕ ЗАБЕЛЕЖАНИ ПОСТКОВИД КОМПЛИКАЦИИ НИТУ ВО КОЗЛЕ НИТУ НА ДЕТСКА КЛИНИКА, ВЕЛАТ ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВООд почетокот на пандемијата на Институтот за деца Козле биле хоспитализирани 519 деца, од кои позитивни биле 84. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Девет деца со симтоми на вирусот на ковид-19 во моментов се лекуваат во Ковид- центарот на Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле во Скопје. Од Министерството за здравство велат дека од деветте деца,  шест се потврдени позитивни на ковид-19, а за другите се чека резултат. Ниту едно од овие деца нема потешка клиничка слика, ниту серозни компликациии предизвикани од вирусот.

    Од почетокот на пандемијата, на Институтот биле хоспитализирани 519 деца, од кои позитивни биле 84, а 435 биле негативни на ковид тестот.

    „Досега кај ниту едно дете кое имало ковид-19 не се забележани сериозни компликации предизвикани од вирусот. Сите биле со лесна или средно тешка клиничка слика и тоа со горно респираторни засегања, а поретко пневмонија. Кај дел од децата имало покачена телесна температура. Сите деца сомнителни за ковид -19 биле задржани на Институтот во Козле за да се направи ковид тест и да се направат потребни лабораториски иследувања, како и иследувања на крвта (хемостаза). По отпуштањето од болница ниту еден пациент не е вратен со некакви компликации наводно предизвикани од вирусот на ковид-19. Пациенти со компликации не се евидентирени ниту на Клиниката за детски болести во Скопје“, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК од Министерството за здравство.

    Во средата, министерот за здравство Венко Филипче рече дека е испратен стручен надзор од Универзитетската клиника за детски болести во Одделот за педијатрија во приватната болница „Аџибадем Систина“, откако претходниот ден детскиот кардиохирург од приватната болница д-р Владимир Чадиковски на социјалните мрежи објави дека има деца кои прележале коронавирус и потоа им се појавиле тешки постковид компликации. Тој на 15 декември кажа дека во приватната болница третирале 8 деца, кои имале компликации неколку недели откако добиле негативен тест на ковид-19.

    Директорката на Детската клиника, д-р Аспазија Софијанова рече дека треба да се проверат информациите од приватните институции дека децата кои прележале ковид-19 имаат тешка клиничка слика, бидејќи тие на Клиниката за детски болести немале такви клинички слики.

    „Ја добивме таа информација. Баш во саботата заедно со уште една колешка кажавме дека имаме успешно излечено детенце кое беше на средина на циклус од лечење на леукемија и поради самата имунокомпромитичирачка состојба помина ковид-19, беше пратено дома и ќе продолжи лекувањето. Имавме уште две дечиња кои немаа така тешка клиничка слика како што беше напишано. Тоа е објавено од приватни институции и тоа сметам дека ќе треба да се ревидира, да се испита реалната состојба. Цело време ги следиме светските студии, а Универзитетската клиника за детски болести е последното ниво каде доаѓаат вистински така комплицирани случаи на постковид реакции кај децата. Она што ние го видовме не оди со таква клиничка слика како што беше објаснето и верувам дека сепак треба да се провери бидејќи паниката кај родителите е оправдана кога ќе прочитате таква информација, но реалноста ќе ја кажеме откако ќе направиме утврдување на фактичката состојба“, рече д-р Софијанова.

    Филипче рече дека исклучително е важно да се знае дека вирусот е нешто непознато, манифестацијата на болеста е многу непредвидлива. „Овие сознанија за децата се прилично нови кај нас, вчера консултиравме и стручна литература која ја има малку, но после надзорот ќе излеземе со информации“, кажа министерот.

    Според последната статистика од Институтот за јавно здравје до 13 декември, во земјава се регистрирани 1.553 случаи на ковид-19 кај деца на возраст до 9 години и 3.142 случаи во групата од 10-19 години. Вкупно досега во земјава, заклучно со вчера, се регистрирани 77.134 случаи на ковид-19.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира