Како да славиме кога се бориме за опстанок и секојдневно умираат жени, рекоа учесничките на денешниот протестен марш во Скопје во чест на Меѓународниот ден на жената, 8 Март.
Под мотото „Нема да нѐснема“, голем број граѓани маршираа низ скопските улици со транспаренти „Нема слобода без слободни жени“, „Многу мајки трпат сѐ бидејќи немаат каде“, „Не чекајте крв, постапете веднаш“, истакнувајќи дека „институционалното потфрлање и избегнување одговорност жената го плаќа со своето здравје, живот и достоинствено постоење“.
Учесниците маршираа во чест на сите паднати и храбри жени кои си го посветиле животот на оваа борба, за сите жени кои изминатава година не дочекаа правда, сите оние кои требаше да бидат спасени и за сите кои не можат или не им е дозволено да излезат на марш.

Маршот се одржува во чест на борбата за женските права и историската традиција на 8 Март. (Фото: К. Попов)
„Лути сме, тажни сме, гневни сме. Преплавени сме од вести за различни силувања на женското тело и достоинство, за насилства кои секојдневно ја потсетуваат нашата реалност дека жената сè уште мора да се бори за својот живот, својата безбедност и своето достоинство. Сета почит за досегашните победи на жените за достоинствен и слободен живот, но свесни сме за секојдневните системски агресии кои продолжуваат да го загрозуваат нашето постоење и ја прават оваа борба нужна и неодложна. Жената ниту некогаш била, ниту сега е безбедна. Ние како жени постоиме на маргините на заедницата, како и на маргините на историјата, под постојан ризик да бидеме избришани, заборавени, убиени, и фактички и фигуративно. Надлежните институции и политичките партии со години бираат да не ги слушаат нашите крици и барања за превенција, заштита и одговорност и затоа и самите учествуваат во насилството. Нашите барања се исти со години. Гласно и јасно кажуваме дека не се помируваме додека не почнете од корен да го менувате пристапот и не признаете дека создадовте услови за епидемија на насилство врз жените“, рече една активистка на почетокот на маршот во паркот Жена борец.

„Ние како жени постоиме на маргините на заедницата, како и на маргините на историјата, под постојан ризик да бидеме избришани, заборавени, убиени“, рекоа на маршот. (Фото: К. Попов)
МВР денеска соопшти дека во последните две недели поднесе 21 кривична пријава за сторени 25 кривични дела во врска со семејно насилство, од кои шест се поднесени по брза постапка. Покрај ова, на подрачјето на СВР Скопје се поднесени пет кривични пријави за родово базирано насилство, од кои три за загрозување на сигурноста и две за демнење. Притоа се изречени пет мерки притвор, како и една мерка претпазливост на подрачјето на СВР Скопје.
Најголемиот дел од кривичните дела во врска со семејното насилство се загрозување на сигурноста – 11 и телесна повреда – 10. Регистрирани се по една кривична пријава за тешка телесна повреда, неизвршување судска одлука, противправно лишување од слобода, обид за убиство и за полов напад и силување.
Што се однесува до секторите за внатрешни работи, СВР Скопје поднесе пет кривични пријави, СВР Куманово две, СВР Штип три, СВР Охрид четири, СВР Струмица пет и по една пријава поднесоа СВР Тетово и СВР Велес.



