Осудените Јордан Камчев и Ненад Јосифовиќ со признание на вина за првиот дел во „Империја“, ги смениле адресите на живеење од Скопје во Охрид и стекнале право место во отвореното одделение во „Идризово“, 8-те месеци затвор да ги одлежат во Струшкиот отворен затвор.
„До Основниот кривичен суд Скопје на 05.05.2022 година од бранителите на Ј. К. и Н. Ј., осудените со пресудите врз основа на предлог-спогодба во наведениот предмет, доставено е известување за промена на адресата на живеење и тоа од адреси во Скопје на адреси во Охрид. Судот по констатирање дека осудените лица во текот на постапката извршиле промена на адресата, согласно член 7 став 2 од Законот за извршување санкции, според кој надлежен суд за извршување на санкцијата е судот според местото на живеење, денеска го достави предметот на понатамошно надлежно постапување на Основниот суд во Охрид“, соопшти Кривичниот суд.
По признавањето вина Камчев и Јосифовиќ беа осудени на по една година затвор, во која се одбиваат 4 месеци поминати во притвор. Камчев го врати затаениот данок од 5,2 милиона евра на сметката на УЈП, а според пресудата, дополнително тој и Јосифовиќ требаше да ѝ испратат на физичко лице 1,7 милиони евра стекнати со измама.
Во Струшкиот затвор е и третоосудениот во „Рекет“ Зоран Милевски-Кичеец кој призна вина. Камчев ја повлече тужбата против него со која бара поврат на пари од случајот „Рекет“, одлучи да ги тужи само Бојан Јовановски и Катица Јанева.
С. К. ДЕЛЕВСКА