КАМЧЕВ И ПАНДЕЛЕСКИ ЈА ЗАГЛАВИЛЕ „ПЕЛАГОНИЈА“ СО 23 МИЛИОНИ ЕВРА КРЕДИТИ ВО БАНКИ

    КАМЧЕВ И ПАНДЕЛЕСКИ ЈА ЗАГЛАВИЛЕ „ПЕЛАГОНИЈА“ СО 23 МИЛИОНИ ЕВРА КРЕДИТИ ВО БАНКИСпоред Македонска берза, ЗК „Пелагонија“ најголем кредит има земено од Стопанска банка Скопје во износ од 10 милиони евра, па од НЛБ 8,3 милиони евра, од Стопанска банка Битола 3,2 милиони евра, од Комерцијална банка 1,5 милиони евра и кредит од Орка Холдинг од 3,4 милиони евра (Фото: СДК.МК)

    Македонскиот гигант во производство на храна, Земјоделскиот комбинат АД „Пелагонија“ кој обезбедува млеко и жито за да ја храни Македонија, спадна на ниво да не може да ги исплати кредитите. Веста дека извршители му ја имаа блокирано сметката по барање на банките и други доверители, а потоа беше одблокирана за да може да работи и да ги исплаќа долговите, ги вознемири битолчани. Во Комбинатот со години платата ја заработуваат околу петстотини вработени, а неколку илјади луѓе по разни основи се поврзани со неговото работење. Во ЗК „Пелагонија“ се  одгледуваат околу 4.000 грла говеда и се обработуваат 17.530 хектари земја.

    Како некогашниот гигант стигна до ваква финансиска состојба?

    Од 2011, компанијата ја купи Јордан – Орце Камчев, кој во 2016 според „Форбс“ беше рангиран за најбогат Македонец. Тој  од минатиот месец заедно со Цветан Панделески, член на бордот на директори, заврши во притвор за случајот „Империја“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), во кој повеќемина се осомничени за злосторничко здружување, измама, перење пари и злоупотреба на службената положба.

    Според податоците од Македонска берза, АД„Пелагонија“ најголем кредит има земено од Стопанска банка Скопје во износ од 10 милиони евра, па од НЛБ 8,3 милиони евра, од Стопанска банка Битола 3,2 милиони евра, од Комерцијална банка 1,5 милиони евра и кредит од Орка Холдинг од 3,4 милиони евра.

    Комбинатот од Буџетот земаше и субвенции за земјоделство, како и пари за обештетување од поплавите.

    Според истражувањето на БИРН, ЗК „Пелагонија“ во изминатите години земала субвенции од 1,2 до 1,5 милиони евра годишно за производство на млеко и засеани земјоделски површини. Во истражувањето за симптоматично се смета тоа што Камчев го купил Комбинатот во 2011, а веќе следната добил дури половина милион евра за засеани површини со жито. Ако во 2011,  субвенциите биле 66.656 евра , во 2012 година веќе станале 504.287 евра за жито исплатени од буџетот.

    Во годишниот извештај на фирмата за 2017 пишува дека од приходи за премии, субвенции и донации добиле само 270.493 денари (4,5 илјади евра).

    „Половина век го градевме „Зико“ – ние така си ја викаме компанијата. Работевме, чесно, посветено. Со години со неа управуваше директорот Вангел Гагачев и не паметиме период кога била во криза. Тука се постигнуваа рекорди на ниво на поранешна Југославија во производство на шеќерна репка, рекорди во пченица и пченка. Се купуваа најсовремените џондир трактори. Потоа фирмата ја зедоа приватници, почнаа да се менуваат работите. Ни на сон не можевме да помислиме дека ќе стигнеме до таму да не можеме да ги исплатиме доверителите, велат вработени од компанијата, кои не се овластени да даваат официјални изјави за јавност.

    Битолчани ја паметат изјавата што Камчев ја даде за медиумите кога ја преземаше „Пелагонија“ дека комбинатот е во одлична кондиција благодарејќи на менаџментот и на вработените, како и тоа дека тој ќе направи многу повеќе работи.

    Според извештаите во Македонската берза, ЗК „Пелагонија“ во првите девет месеци од годинава остварила оперативни приходи од 1.611,381 денари, а оперативно расходи од 1.754,177 денари. Расходите се поголеми во однос на приходите за 142.796 денари. Друштвото остварило оперативна загуба од 105.843 илјади денари, а загуба од редовно работење во износ од 189.708 илјади денари.

    Од раководството на ЗК „Пелагонија“ велат дека нема отпуштања на работници, а и платите досега редовно ги земале. Подетално како ситуацијата се одразува врз работењето на Комбинатот најавија дека ќе се изјаснат написмено в понеделник.

    Инаку, во другите компании во Битола,каде како сопственици се јавуваат Камчев во Стопанска банка, а Панделески во „Пелистерка“, работите течат тековно без проблеми.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира