КАМИОН ГО УДРИЛ НАТПАТНИКОТ НА АВТОПАТОТ ВО ИЗГРАДБА КИЧЕВО-ОХРИД, ДИРЕКТОРОТ КИТАНОВ ВЕЛИ НЕМА ОПАСНОСТ ДА СЕ УРНЕ

    КАМИОН ГО УДРИЛ НАТПАТНИКОТ НА АВТОПАТОТ ВО ИЗГРАДБА КИЧЕВО-ОХРИД, ДИРЕКТОРОТ КИТАНОВ ВЕЛИ НЕМА ОПАСНОСТ ДА СЕ УРНЕОштетувањето е на страната каде се пробиваат новите две коловозни ленти за автопатот. Делот под натпатникот е затрупан со песок, додека екипи вршат отстранување на оштетениот дел.(Фото: Ѓ.Личовски)

    При градежните работи за изградба на автопатот Кичево-Охрид оштетен е натпатникот кај селото Песочани во Дебрца. Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека натпатникот не е загрозен и нема опасност да се урне.

    Оштетувањето е видливо на страната каде што се пробиваат новите две коловозни ленти за автопатот. Делот под натпатникот е затрупан со песок, додека екипи вршат отстранување на оштетениот дел.

    „Камион на градежната фирма ‘Илинден‘ која работи на патот, кога минувал под натпатникот бил со дигната приколка и удрил во една од бетонските греди, при што таа е оштетена. Сега се работи на најзино менување, а песокот под преминот е ставен како потпора за да ја симнат оштетената греда. Натпатникот не е загрозен“, вели директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов.

    „Камион на градежната фирма ‘Илинден‘ која работи на патот кога минувал под натпатникот бил со дигната приколка и удрил во една од бетонските греди, при што таа е оштетена и се работи на нејзино менување – (Фото: Ѓ.Личовски)

    На делницата од Кичево-Охрид деновиве има градежни работи само на неколку места. Од Министерството за транспорт и врски велат дека градежните работи се одвиваат според предвидената динамика и дека 95 отсто од трасата е пробиена.

    „11 километри од левиот коловоз се асфалтирани со прв и втор слој, како и три километри од десниот коловоз. Двата тунели се пробиени. Досегашната реализација на проектот е 66 отсто“, велат од Министерството за транспорт и врски.

    Во однос на експропријацијата на имотите од Министерството велат дека на првичната траса е завршена целата постапка. За новите клучки кои треба да се градат според новиот проект речиси 90 отсто од сопствениците се обештетени, а само за делот кај Кнежево не е завршена ниту една експропријација оти се чека нов проект.

    „Дополнително  треба да се проектираат нови косини за кои ќе има нова експропријација“ додаваат од Министерството за транспорт и врски.

    Поранешната влада на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од Никола Груевски, потпиша договор за автопатот Кичево-Охрид со кинеската фирма „Синохидро“ во вредност од 373 милиони евра. Со доаѓањето на новата Влада, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески кажа дека проектот за автопатот бил утнат односно не биле проектирани клучки, косините биле небезбедни, а тунелот кај Пресека почнал да се пробива без соодветно испитување на земјиштето и анализа на теренот, па се наишло на подземни води. Поради тоа Владата склучи анекс договор со кинеската фирма која за дополнителни 187 милиони евра треба да ги исправи грешките и да го изгради автопатот Охрид-Кичево во должина од 57 километри.

    Новиот рок кој од Владата го најавија за пуштање на автопатот е 30 јуни 2021 година.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари