КАМПАЊАТА „ДА НЕ СИ ИГРАМЕ СО ЗДРАВЈЕТО“ ГИ ПОТСЕТУВА РОДИТЕЛИТЕ ЗА РИЗИЦИТЕ ОД НЕПРИМЕНИ ИЛИ ПРОПУШТЕНИ ВАКЦИНИ ЗА ДЕЦАТА

    КАМПАЊАТА „ДА НЕ СИ ИГРАМЕ СО ЗДРАВЈЕТО“ ГИ ПОТСЕТУВА РОДИТЕЛИТЕ ЗА РИЗИЦИТЕ ОД НЕПРИМЕНИ ИЛИ ПРОПУШТЕНИ ВАКЦИНИ ЗА ДЕЦАТАЦелта на кампањата е да ги потсети родителите и старателите дека кога се пропушта или одложува вакцинацијата, децата и заедниците се изложени на ризик од болести што може да се спречат со вакцина. (Фото: Архива на УНИЦЕФ)

    „Да не си играме со здравјето!“ е мотото на новата кампања за имунизација на Министерството за здравство и УНИЦЕФ со поддршка од УСАИД која почнува денес, а ќе се спроведува во следните месеци низ земјата. Станува збор за продолжение на кампањата „Заштитени заедно – вакцините делуваат“ од почетокот на оваа година, во која се вклучија здравствените работници, педијатрите, лекарите од пунктовите за вакцинација и гинеколозите за да зборуваат за опасностите од одложување на вакцинацијата, како и за придобивките од рутинските вакцини во детството, како најефикасен начин да се заштити здравјето на децата.

    Целта на кампањата е да ги потсети родителите и старателите дека кога се пропушта или одложува вакцинацијата, децата и заедниците се изложени на ризик од болести што може да се спречат со вакцина.

    Здравствените власти постојано апелираат дека е низок опфатот со вакцинација во земјава, односно, препорачаниот опфат над 95 отсто не е постигнат за ниту една вакцина во земјава. Регистрираниот опфат за примарната вакцинација е под 90 отсто за сите вакцини – хепатитис Б (ХепБ), Хемофилус инфлуенца тип Б (ХиБ), ДиТеПер/ИПВ и МРП вакцината, како и вакцинацијата против ХПВ, која бележи најнизок опфат од сите вакцини.

    „Во текот на годината, работевме на повеќе фронтови за да можеме да постигнеме опфат со вакцини над 90-95 отсто на национално ниво за сите редовни вакцини. Оваа кампања ќе помогне да се потсетат родителите на нивната одговорност да ги заштитат своите деца на ист начин како што тие биле заштитени од нивните родители од болести како што се мали сипаници и полио“,  вели министерот за здравство, д-р Фатмир Меџити.

    Покрај оваа кампања, Министерството за здравство и УНИЦЕФ, со поддршка од УСАИД работат на интегрирање на систем за управување со неточни информации во рамки на националните структури за донесување одлуки. Заедно со партнерите, тековниот дијалог меѓу здравствените работници, експертите и медиумите придонесе за позитивна промена во однос на ставовите за вакцините.  Од УНИЦЕФ велат дека информирањето на заедницата и поддршката за ангажирање на тимовите за имунизација во четири општини во кои е забележан понизок опфат со вакцинација, исто така, покажуваат ветувачки резултати, и поголем број родители се опфатени на ниво на локалната заедница.

    „ Се забележува дека има зголемено позитивно мислење за вакцините, што е ветувачки, бидејќи има многу неточни информации за вакцините што циркулираат во онлајн светот. Погрешните информации се опасни, создаваат плодна почва за појава на болести, а родителите и старателите имаат потреба од континуиран пристап до сигурни информации. Вакцинирањето на децата не е избор, туку одговорност. Вакцините ги штитат децата, возрасните и заедниците“, вели рече претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ДиЏовани.

    Составен дел на кампањата е тековната промоција на дигиталната платформа Е-здравство, што почна да функционира на почеток на оваа година со посебен дел посветен на имунизацијата и служи како единствено место за добивање сигурни информации за вакцините.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира