Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска по излегувањето од Кривичниот суд, каде денеска беше на распит за случајот „Тендери“ рече дека станува збор за политички театар на СЈО.
Канческа-Милевска во судот се задржа околу два часа. Таа рече дека останува на изјавата дадена минатиот четврток и дека на денешното сослушување од СЈО не биле приложени нови докази.
„Станува збор за чист политички театар организиран од Социјалдемократскиот сојуз, а во кој учествува и Специјалното јавно обвинителство, како поддршка за оваа партија во овој предизборен период. Останувам на изјавата што претходно ја дадов“, рече Канческа – Милевска.
Одговарајќи на новинарско прашање дали ќе ѝ биде одземен пасошот, Канческа-Милевска одговори дека новинарите „треба да ги познаваат законите“.
Специјалното јавно обвинителство ја отвори истражната постапка за случајот во четвртокот минатата недела и уште истиот ден, како што соопштија оттаму, побарале од судот на двајца од осомничените да им бидат одредени мерки за претпазливост.