КАРАКАЧАНОВ САКА ДА ИСПРАТИ ПОЛК НА БУГАРСКАТА АРМИЈА ДА ГИ ОТСТРАНИ ПЛОЧИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА НА КОИ ПИШУВА ДЕКА СЕ ФАШИСТИЧКИ ОКУПАТОРИ

    КАРАКАЧАНОВ САКА ДА ИСПРАТИ ПОЛК НА БУГАРСКАТА АРМИЈА ДА ГИ ОТСТРАНИ ПЛОЧИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА НА КОИ ПИШУВА ДЕКА СЕ ФАШИСТИЧКИ ОКУПАТОРИБугарскиот генерал Михов (со крената рака) и германскиот конзул Вите (во црна униформа) поминуваат низ шпалир од бугарски и германски војници на свеченост во Скопје по окупацијата на Југославија. (Фото:СДК.МК- Од приватната архива на Кочо Битољану (1924-2015), водач на диверзантската група која извршила атентат врз бугарскиот агент Мане Мачков во 1942 и член на првата градска управа на Скопје по ослободувањето од фашизмот во 1945 година)

    Бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов е спремен да испрати инженерски полк за да ги отстрани спомениците и спомен-плочите во Македонија на кои што пишува „бугарски фашистички окупатор“. Тој кажа дека услов за Македонија да ги почне пристапните преговори со ЕУ во декември е да се откаже од тие споменици и плочи, во интервју за бугарско радио и дека тој нема да прифати никаков компромис околу тоа.

    „Ако треба ќе им го пратам инженерскиот полк да им помогне да ги тргнат побрзо или ќе им пратам од мојата организација ВМРО, ќе ги тргнат за 24 часа. Не можеме да дозволиме една држава да гради идентитет на база на учебници во кои се вели дека Бугарите биле убијци, фашисти, Татари, окупатори… Држава која со политиката создава национално малцинство во Бугарија и ја загрозува територијалната целост на Бугарија“, изјави Каракачанов, кој е лидер на партијата ВМРО-БНД.

    Тој вели дека Бугарија има притисок од Брисел да попушти да дозволи почеток на преговорите, но „притискаат некои држави кои не можат да влезат во суштината на спорот. За нив, спор меѓу две балкански држави на тема историјата не е воопшто битен“.

    За македонскиот премиер Зоран Заев вели дека му прави лоша услуга на бугарскиот премиер Бојко Борисов, бидејќи со изјавите за празникот 11 Октомври го претставил како добриот, а министерката за надворешни работи Екатерина Захариева и Каракачанов како лошите.

    „Ако се направи компромис, како ќе излезе Борисов пред бугарското општество. Захариева и Каракачанов се лоши и се држеа тврдо, а Борисов потклекна. Не знам дали ќе падне владата ако се случи такво нешто, ама јас ќе си одам“, кажа Каракачанов.
    Исто така, на 11 октомври, европратеникот од партијата на Борисов, Андреј Ковачев, кажа дека Заев непотребно ги испровоцирал Бугарите.

    „Зошто на Заев му треба оваа антибугарска провокација токму сега? Србоман убива Бугарин, татко на три деца и роднина на Даме Груев. Ова се нарекува ‘народно востание’ и се прославува секоја година. Во ЕУ нема место за лагите и антибугарската идеологија“, кажа тогаш Ковачев.

    И европратеникот Александар Јорданов, кој беше бугарски амбасадор во Македонија од 2001-2005 на Фејсбук напиша дека Македонците и Бугарите се ист народ оти меѓу нив никогаш немало војна.

    „Ако Македонците и ние, Бугарите, сме различни народи, секако дека меѓу нас на овие балкански простори ќе имало војна, како што имало бугарско-турски, српско-бугарски, бугарско-грчки, романско-бугарски војни. Но бугарско-македонска војна нема, а и немало како да има, зашто не е можно еден народ да војува самиот со себе“, нашиша бугарскиот европратеник Јорданов.

    Заев на 11 октомври Заев кажа дека ако Бугарија остане на тоа што го предложила, македонскиот народ треба да се подготви дека во декември нема почнат пристапните преговори со Европската унија.

    „Разговорите меѓу министерот за надворешни работи Бујар Османи и премиерот Бојко Борисов беа добри, но разговорите меѓу министерката Екатерина Захариева и министерот Османи не се баш добри. Тоа што е предложено од таа страна ниту е добрососедство, ниту е братство, а најмалку европски и ако тоа така остане треба да го подготвиме нашиот македонски народ дека може да не отпочне првата меѓувладина конференција која што ја очекуваме во декември“, рече Заев.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира