По долготрајното сведочење на Велибор Манев, застана да сведочи каратистот од Велес Боре Видевски, следен обвинет за киднапирањата и убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и на 75-годишниот велешанец Панче Жежовски.
Но, за разлика од Манев, Видевски негира дека е поврзан со киднапирањата на Жежовски и на Ѓорчевска, иако негова ДНК е најдена на лентата што по грабнувањето на Вања ѝ ја залепил на устата. Покрај Манев и Видевски, обвинети за киднапирањата и убиствата се Љупчо Палевски и Влатко Кешишев.
Видевски денеска стартуваше со прашања од неговиот адвокат. Рече дека интензивните контакти со Велибор му биле во партијата „Десна” на Љупчо Палевски. Адвокатот го праша кај бил пред и на денот на киднапирањето на Панче Жежовски.
„На 21 бев на работа. Вечерта имав слава Св. Архангел Михаил. На 22 и на 23 ноември исто така бев на работа како и на 24.11.2023 година”, рече Видевски и додаде дека обично на работа останувал до 15 часот.
„Ве има на снимките на камерите кај Велибор како се подготвувате за нешто, ноќе. Опишете зошто е тоа”, рече адвокатот.
„Имаше стравување дека Охридската Архиепископија ќе се смени во Црква на Северна Македонија. Требало да се соберат 150 илјади потписи и да се организира литија која би почнала од Велес. Тоа што сте го гледале на камерите е една таква подготовка”, одговори Боре Видевски.
На 26 ноември, ден пред да биде грабната и убиена Вања, за што во обвинението пишува дека Боре ја совладал Вања и со Велибор ја ставиле во гепекот на „ситроенот“ на убиениот Панче, тој кажа дека бил во Скопје и си заминал вечерта дома.
Утредента бил во Скопје во партијата „Десна”. Вели дека не ја грабнал Вања, тврди дека спиел и станал во 10 часот.
„На трети декември бев на пазар. Ми заѕвони телефонот, ми рекоа полиција ме бара дома. Дојдов, беа со 2 коли. Отидов со нив. Во полиција ми го зедоа мобилниот телефон, потоа ме однесоа во Скопје. Ме симнаа во една ќелија. Потоа ме качија пак и веќе во ходникот еден од инспекторите ме фати за раката, ме повлече. Ме соборија уште во ходникот. Се појави уште еден човек. Почнаа да удираат, да зборат за случајот Панче, па за Вања. Прво ми кажуваат податоци, па ме прашуваат за истото што ми го кажале. Потоа се појави трето лице, ми рекоа зборувај”, рече Видевски.
Кога им кажал „не знам ништо“, уште повеќе почнале да го маваат, тврдеше тој. Не го мавале по главата, го удриле како што тврдеше, по трансплантираниот бубрег.
„Ме прашуваа зошто сум ги направил киднапирањата, убиствата. Ми покажуваа слики од нивните мобилни телефони, имаше една и од убиеното девојче. Но и една слика од лев дел на шофершајбна и странично десно стакло на вратата. Имаше човек, рака, дел од рамо и тегет адидас тренерка. Удираа и велеа еве си ти на сликата. На крајот го постигнаа тоа што го сакаа. Добија изјава во која јас сум виновен, ја направија изјавата и ме натераа да потпишам”, даваше одбрана Видевски.
Тој се осврна и на таткото на Вања, обвинетиот Александар Ѓорчевски.
„Ме прашаа дали го знам таткото на девојчето. Реков не го знам. Дојде третото лице со палка и ми рече ќе те убијам ако не кажеш дека го познаваш. Потоа и пред обвинителката тоа го кажав. Од страв ѝ одговорив дека не сум повреден и немало тортура кон мене”, рече Видевски, кој негира воопшто некаква поврзаност со кривичните дела кои претходно Велибор Манев во 5 рочишта детално ги опиша сосе Боре како учесник и помагач во нив.
Потоа го однеле во притвор.
„Веќе другиот ден ме однесоа во друга просторија, ме соблекоа од појасот нагоре, ме легнаа и почнаа да ме газат со чизми”, кажуваше Видевски.
Според законот, обвинетите во давањето одбрана можат пред судот што сакаат да кажат. Во поткрепа на тие кажувања може ако сакаат и ако сметаат, да повикаат сведоци за нивните тврдења.
Видевски рече дека неговото доаѓање од Велес во Скопје било и за барање простор за конгрес на партијата „Десна”, зашто последниот пат бил одржан во село Бразда. Никој не им давал простории.
На прашања на обвинителката Жаклина Крстевска-Јосифовска зошто не се пожалил кога го прашала дали врз него биле употребени средства на присилба, зошто и пред судијата на претходна постапка не кажал дека е тепан кога го прашал, зошто не побарал лекарска помош и како го издржал тоа крвнички континуирано тепање за кое тврди, Видевски одговори дека од страв молчел.
Потоа таа во вкрстено следно прашање доби одговор од Видевски дека не се регистрира на работа. Видевски тврди дека во деновите на грабнувањата и на обидите за грабнувања бил на работа, меѓутоа нигде тоа не е евидентирано. Одговори дека нема сведок што го видел дека тие денови бил на работа.
Го праша и дали имал гости за славата. Одговори дека биле само домашните.
Обвинителката го допраша зошто нема сведоци барем од некој од домашните, зашто му се ставаат на товар многу тешки дела?
„Мислев ќе кажете дека се пристрасни”, рече Видевски кој нема сведоци за ништо што изнесе денеска како своја одбрана.
Иако таа му ја прочита регистрацијата на „шкодата”, тој негираше и дека ноќта пред грабнувањето на Панче Жежовски бил во дворот на Велибор Манев.
С. К. ДЕЛЕВСКА
- СУДИЈАТА ГО ИСПРАШУВАШЕ ВЕЛИБОР МАНЕВ КОЈ СЕ БРАНИ ДЕКА САМО САКАЛ ДА КИДНАПИРА ЛУЃЕ И ДА ГИ ДРЖИ ЗАТВОРЕНИ ВО ДУПКА ПОД ЗЕМЈА, А НЕ ДА ГИ УБИВА
- ПРАШАЈТЕ ГО ПАЛЕВСКИ ЗОШТО Е УБИЕНА ВАЊА, СВЕДОЧИ ОБВИНЕТИОТ МАНЕВ
- ПАЛЧО ИСПУКА КУРШУМ ВО ДЕТЕТО И ОТИДЕ ДО КОЛАТА, ИЗВАДИ КОПАЧ, ЛОПАТА И АШОВ, СВЕДОЧИ ОБВИНЕТИОТ ВЕЛИБОР МАНЕВ
- ПРЕД ДА ЈА ГРАБНАТ ВАЊА, ПАЛЧО ПРВО САКАЛ ДА ГО КИДНАПИРА ДИРЕКТОРОТ НА ГРАНИТ, А ПОТОА 38-ГОДИШНА ЌЕРКА НА СОПСТВЕНИК НА ВЕЛЕДРОГЕРИЈА
- НА ПРВИТЕ РЕЧЕНИЦИ ОД СВЕДОЧЕЊЕТО НА МАНЕВ ЗА НАЧИНОТ НА ГРАБНУВАЊЕ НА ВАЊА, НА ТАТКОТО ЃОРЧЕВСКИ МУ СЕ СЛОШИ, СУДИЈАТА ДАДЕ ПАУЗА
- ДОДЕКА ГО СПРЕМАВ ЖЕЖОВСКИ ЗА ВО ДУПКАТА, ПАЛЕВСКИ ОДЕДНАШ МУ ПУКНА ВО СЛЕПООЧНИЦАТА И МИ КАЖА: „ВАКА Е ПОЧИСТО!”, СВЕДОЧИ ВЕЛИБОР МАНЕВ
- ПАЛЕВСКИ ГИ НАТЕРАЛ ДРУГИТЕ ОБВИНЕТИ ДА ИСКОПААТ ДУПКИ НАД ВЕЛЕС ЗА КИДНАПИРАЊЕ ЛУЃЕ, ЗА ДА ГИ СТАВААТ ВНАТРЕ СО ВРЗАНИ ТЕГОВИ НА НОЗЕТЕ, СВЕДОЧИ ВЕЛИБОР МАНЕВ