Пратеникот од Беса Кастриот Реџепи, кој кажа дека не е исклучен од партијата, се појави денеска во Собранието во живо, и кажа дека самостојно се оддалечил на непозната локација во четвртокот кога требаше да се гласа за доверба на владата, а не дека некој го киднапирал.
Денеска на прес-конференција во Собранието кажа дека тој самостојно одлучил да се оддалечи и никому да не каже каде е, а друг направил безбедносна проценка дека му е потребно тие денови обезбедување на неговото семејство.
„Сакав да дојдам на седницата во четвртокот, да земам збор и да гласам против рушење на владата. Но со оглед на тоа што пратениците од мнозинството од СДСМ и од ДУИ кажаа дека нема да присуствуваат, ќе бев сам на таа страна на собраниската сала. Ќе бев сам во таа еуфорија. Проценив дека ќе бидам мета на вербални, па и на физички напад во такви моменти, кои според искуството, секогаш знаеле да бидат тензични. Што се однесува на конкретните закани, јас се извинувам што така се оддалечив и што ми беа исклучени телефоните. Имав добиено пораки, проценка беше дека треба да добијам и физичко обезбедување“, одговара на бројни прашања Кастриот Реџепи.
Тој кажа дека при чиста и мирна совест се одлучил на тој чекор, зашто имал сигнали дека за Македонија во декември ќе има друга , поинаква европска приказна и шанса.
На новинарски прашања не одговори од кого му се пораките, но кажа со каква содржина биле:
„Пораките ми беа за закани по животот, пријавени се во полиција. Да ја оставиме процедурата тие да ја спроведат“, рече Реџепи.
„Зошто потпишав, па не гласав? Јас не можам да гласам против една неизвесна иднина. Потпишав кога Заев поднесе оставка, кога владата немаше кормилар. Не се знаеше кој ќе ја води. Не знаевме Икс мандадарот кога ќе дојдеше. Тригер беше моментот со Желино, и трето ние почнавме да добиваме сигнали, од Макрон, од Руте за Македонија и Албанија. Заев ја одложи оставката, Желино не се прегласува, јас одлучив дека како Кастриот Реџепи, не можам да ѝ пресудам на Македонија сега кога има толку јасни сигнали. Сметам дека треба да се стрпиме до 14 декември, не знам зошто е тоа толку тешко“, одговори Реџепи.
Тој кажа дека уште е пратеник и потпретседател на движењето Беса. Сè додека не се измени неговиот статус, ќе делува така и поради тоа нема да преминува во други партии.
„Со изјава или статус на Фејсбук, ниту се влегува, ниту се излегува од Влада. Органите на партијата кога ќе решат, тогаш партија излегува од коалиција. Ако одлучи Централниот одбор, ќе размислам. Бидејќи тоа не се случи, Беса е уште во владата“, смета Реџепи.
С. К. ДЕЛЕВСКА