ЌЕ ДЕХИДРИРАТЕ ОД ПЛУКАЊЕ ПО МЕНЕ ЗА ДА СИ ГИ ПОКРИЕТЕ КРИМИНАЛИТЕ, КАЖА МИЦКОСКИ ЗА СДСМ НА ПРОТЕСТОТ ПРЕД ВЛАДАТА

    ЌЕ ДЕХИДРИРАТЕ ОД ПЛУКАЊЕ ПО МЕНЕ ЗА ДА СИ ГИ ПОКРИЕТЕ КРИМИНАЛИТЕ, КАЖА МИЦКОСКИ ЗА СДСМ НА ПРОТЕСТОТ ПРЕД ВЛАДАТА„За нешто што ме боли во душата не ми се зборува“, објасни Мицкоски зошто не зборува за Договорот од Преспа. (Фото: К. Попов)

    Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од вечерашниот протест пред Владата ѝ порача на СДСМ дека на претседателските избори ќе бидат поразени нивните црни политики.

    „Црнила се случуваат во Македонија. Плукате по мене и по ВМРО-ДПМНЕ. Ќе дехидрирате од плукање по мене само да си ги покриете криминалите и црнилата што и се случуваат на Македонија. Без око да ви трепне го менувате името, а народот на референдум ви кажа дека сте на крив пат“, рече Мицкоски.

    За изјавата на министерот за надворешни работи Никола Димитров дека Македонците се нација со комплекс, Мицкоски рече дека кога ВМРО-ДПМНЕ ќе победи Димитров јавно ќе мора да му се извини на народот.

    „Ја крстивте нација со комплекс, човекот кој го водеше процесот за промена на името. Ние не сме нација со комплeкс, туку горд народ, и ветувам дека јавно ќе се извиниш“, кажа Мицкоски.

    Мицкоски на сопартијците и симпатизерите на протестот им вети дека ќе бидат поразени „Кацарска судството“ и „Русковска обвинителството“.

    „’Русковска обвинителството’ и ‘Кацарска судството’ ќе бидат поразени. Кога ќе дојде време ќе им свртат грб и кажат какви притисоци имале“, рече Мицкоски.

    Тој кажа дека на протестите не зборува за Договорот од Преспа бидејќи битката била нерамноправна и тие биле сами а тоа многу го боли.

    „За нешто што ме боли во душата не ми се зборува. Ова е горд народ кој не сака да си го менува името“, рече Мицкоски.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира