По денешната средба со германската канцеларка Ангела Меркел во Берлин, премиерот Зоран Заев е уверен дека оваа година ќе ги започнеме преговорите за членство со ЕУ и ќе им се придружиме на Србија и Црна Гора, соопштија од Владата. Меркел, велат од Владата, му рекла на Заев дека Бундестагот ќе донесе одлука во септември за одобрување на старт на преговорите на ЕУ со Северна Македонија.
„Канцеларката Меркел информираше дека Бундестагот ќе донесе одлука во септември за одобрување на старт на преговорите на ЕУ со Северна Македонија, согласно утврдените процедури на СР Германија за прашањата за проширување на Унијата. На средбата канцеларката потенцираше дека Северна Македонија го испорача очекуваното и дека таа и Берлин на тоа гледаат многу позитивно“, се вели во соопштението на Владата.
Од Владата велат дека на средбата со Меркел се потврдило дека во Германија, како и во другите земји членки, неоспорно се признаени резултатите од реформите кои се потенцирани во извештајот на Европската Комисија и дека позитивно се гледа на препораката на ЕК за започнување на преговори за членство во ЕУ.
„Силно е уверувањето дека оваа година започнуваме преговори за членство со ЕУ и им се придружуваме на Србија и Црна Гора“, се вели во соопштението.