ЌЕ ГЛАСАМ ЗА ЕУ И НАТО, ЗА 27 ГОДИНИ ПОКАЖАВМЕ ДЕКА НЕ НЀ БИВА САМИ, ВЕЛИ БРАНКО ЦРВЕНКОВСКИ

    ЌЕ ГЛАСАМ ЗА ЕУ И НАТО, ЗА 27 ГОДИНИ ПОКАЖАВМЕ ДЕКА НЕ НЀ БИВА САМИ, ВЕЛИ БРАНКО ЦРВЕНКОВСКИПоранешниот и актуелниот претседател на СДСМ, Бранко Црвенковски и Зоран Заев, заедно влегоа на конгресот на партијата пред парламентарните избори во декември 2016 година. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Поранешниот претседател и долгогодишен премиер Бранко Црвенковски ќе гласа „за“ на референдумот за името на 30 септември затоа што, како што вели во писмената изјава до медиумите, ЕУ и НАТО се единствената добра опција за нашата иднина. Црвенковски вели дека ќе гласа „за“, не за тоа што мисли дека Преспанскиот договор е голема победа и успех, туку затоа што смета дека е нужност од која во даденава ситуација нема бегање.

    „За жал, во овие 27 години ние покажавме дека немаме сопствен капацитет да спроведеме квалитетни реформи во општеството без сериозен притисок и мониторинг од надвор. И за тоа чувствувам и голема лична одговорност. Со други зборови, ако сакаме средена и уредена држава, процесот на наше интегрирање во НАТО и пред сè во ЕУ и исполнувањето на зададените норми и стандарди низ тој процес е, ако не целосна гаранција тогаш сигурно нашата најдобра шанса и можност за остварување на таа цел. Добрите меѓуетнички односи се клуч за стабилноста и предуслов за сè друго во Република Македонија. Евентуалната подолготрајна наша бесперспективност на планот на Евро-атлантските интеграции, наспроти успесите на овој план кои ги прават и ќе ги прават нашите соседи, порано или подоцна ќе претставува потенцијален ризик за нашата внатрешна стабилност. Тој ризик мора благовремено да го елиминираме“, вели Црвенковски.

    Тој ги повика граѓаните на референдумот да одлучат по кој пат да оди државата во иднината, а нивниот однос кон политичарите и политичките партии да го искажат на избори.

    Според Црвенковски, ниту во иднина оваа или некоја друга грчка влада ќе се откаже од стекнатите позиции со овој договор, ниту меѓународната заедница ќе има разбирање за таквата наша несериозност и неспроведување на преземените обврски.

    „Ќе гласам ЗА, не затоа што мислам дека неговото спроведување нема да предизвика негативни последици, туку затоа што негативните последици од неговото пропаѓање ќе бидат несразмерно поголеми“, вели поранешниот претседател.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира