ЌЕ ГО БЛОКИРАМЕ ТЕЛЕГРАМ АКО НЕ СОРАБОТУВААТ СО НАС, СЕ ЗАКАНИ ЗАЕВ

    ЌЕ ГО БЛОКИРАМЕ ТЕЛЕГРАМ АКО НЕ СОРАБОТУВААТ СО НАС, СЕ ЗАКАНИ ЗАЕВНа крајот на денот ќе ги добиеме податоците, ќе бидете обвинети и ќе одговарате за тоа што го правите, им се обрати Заев на членовите на групата Јавна соба. (Фото: Влада)

    Доколку апликацијата Телеграм не го затвори каналот Јавна соба каде се споделува порнографска и приватна содржина од наши граѓани, како и детска порнографија, ќе ја разгледаме и опцијата за блокирање или рестрикција на користењето на оваа апликација во Северна Македонија, сѐ додека не почнат да соработуваат со нас, напиша денеска на Фејсбук премиерот Зоран Заев, непосредно откако министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски објави дека се уапсени двајца членови на групата.

    Заев вели дека единствена цел е да се затвори проблематичната група и Телеграм да помогне во откривање на идентитетот на оние кои споделуваат слики и прават кривично дело и не станува збор за цензура.

    „Испративме категорични барања до социјалната мрежа Телеграм да ја избрише групата Јавна соба и нема да престанеме да инсистираме на тоа барање сѐ до негово конечно исполнување. Доколку апликацијата Телеграм не го затвори каналот Јавна соба каде се споделува порнографска и приватна содржина од наши граѓани, како и детска порнографија, ќе ја разгледаме и опцијата за блокирање или рестрикција на користењето на оваа апликација во Северна Македонија, сѐ додека не почнат да соработуваат со нас, со единствена цел да се затвори проблематичната група и да ни помогнат во откривање на идентитетот на оние кои споделуваат слики и прават кривично дело. Нам како Влада ни на крај памет не ни паѓа да цензурираме комуникација, но ова е нешто друго и мораме да си ги заштитиме своите граѓани“, вели Заев.

    Премиерот предупредува дека денес ова се случува на Телеграм, а утре можеби на некоја друга платформа и затоа тие како Влада имаат задача и обврска да направат сѐ да обезбедат соодветна реакција и од оние кои ги создале овие платформи каде се случуваат вакви кривични дела.

    „Сакам да упатам порака и до сите наши граѓани кои споделуваат слики и содржина на таа група во сопственост на други сограѓани, во истиов момент да престанете да го правите тоа и да излезете од таа група. На крајот на денот ќе ги добиеме податоците, ќе бидете обвинети и ќе одговарате за тоа што го правите“, вели Заев.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира