ВМРО-ДПМНЕ секоја среда ќе протестира пред Владата, а за викенди во другите градови во земјава, најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешниот протест.
„Денес почнуваме и одиме низ цела Македонија. Протестите ќе бидат мирни, нема да бидат како нивните со кршење и фарбање. Ќе одиме со гандиевски протести, бидејќи ние ова го градевме“, кажа Мицкоски пред Владата, на крајот од протестниот марш кој тргна од партиското седиште.
Тој упати порака не само до премиерот Зоран Заев, туку и, како што кажа, неговите нови поддржувачи, без да ги именува.
„Оваа битка ќе трае долго, но ветувам дека сигурно ќе победиме. Ќе ги победиме дури и со новите поддржувачи, кои застанаа рамо до рамо. Затоа таа победа ќе биде голема“, рече Мицкоски
Тој дека владата на Зоран Заев многу ветувала, но досега немале заковано ни шајка.
„По сите понижувања, ние нема да ви дозволиме распродажба на националните интереси Ќе застанеме во нивна одбрана и ќе ви го покажеме местото во историјата. Дали тоа ќе се случи на следните редовни или предвремени парламентарни избори, не е битно“, рече Мицкоски.
Тој праша каде е министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски да каже до каде се случаите со убиствата и рече дека на Спасовски му било полесно да ги апси пратениците.
„На денешен ден пред една година бевме сведоци на грубо злоупотребување на власта, кога им се ставаа лисици на пратеници. Тоа беше констатирано и од народниот правобранител. Ќе одговараат“, рече тој.
Г. ТРПЕНОСКИ