ЌЕ ГО ПРИФАТИМЕ СЕКОЈ АМАНДМАН НА ВМРО-ДПМНЕ ШТО НЕ КРИЕ ЗАШТИТА НА КРИМИНАЛ, КАЖА ЗАЕВ ОТКАКО МИЦКОСКИ ПОДНЕСЕ 65 АМАНДМАНИ ЗА СЈО

    ЌЕ ГО ПРИФАТИМЕ СЕКОЈ АМАНДМАН НА ВМРО-ДПМНЕ ШТО НЕ КРИЕ ЗАШТИТА НА КРИМИНАЛ, КАЖА ЗАЕВ ОТКАКО МИЦКОСКИ ПОДНЕСЕ 65 АМАНДМАНИ ЗА СЈОЗа време на ТВ дуелот, Мицкоски рече дека ги поднеле амандманите неколку часа претходно, додека од Министерството за правда велат дека амандманите биле испратени по дуелот. - Зоран Заев; Христијан Мицкоски (Фото: СДК.МК)

    Секој амандман што не крие заштита на криминалот е прифатлив за нас, кажа премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски откри дека поднеле 65 амандмани на предложениот Закон за Јавно обвинителство, на синоќешниот дуел во емисијата „Само вистина“ на Канал 5.

    Со новиот Закон за Јавно обвинителство треба да се регулира статусот на Специјалното јавно обвинителство во рамки на редовното обвинителство и е еден од условите за почеток на преговорите за членство во ЕУ.

    За време на ТВ дуелот, Мицкоски рече дека ги поднеле амандманите неколку часа претходно, додека од Министерството за правда велат дека амандманите биле испратени по дуелот.

    Како што кажа Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ предлага СЈО да се спои со Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, а му пречи и тоа што обвинителите од СЈО земаат три пати поголема плата од нивните колеги од редовното обвинителство.

    „ВМРО-ДПМНЕ денеска ги достави амандманите на предложениот Закон за Јавно обвинителство до Министерството за правда, 65 на број. Имаме сиромашен буџет, ајде ова СЈО да го споиме со Обвинителство за организиран криминал и корупција и да се вика Оддел за висока корупција и организиран криминал. Непринципиелно е едни обвинители да примаат три пати поголеми примања од други обвинители“, кажа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

    Заев му одговори дека не се откажува од специјалната обвинителка Катица Јанева и нејзиниот тим, бидејќи станува збор за создаден капацитет, на кој треба да се угледаат другите обвинителски структури.

    „Ова е еден од условите конечно да ги отвориме поглавјата во јуни, нешто што е императив за сите. Не се откажувам ниту од Катица Јанева, ниту од Трајче Пеливанов, ниту од Артан Ајро, ниту од било кој. Создаден институционален капацитет не треба да се уништи, треба да се искористи, вака инкорпориран во јавнообвинителскиот систем со сериозна финансиска независност. Сите други обвинителски структури треба да тежнеат кон ваква финансиска независност и компетентност“, кажа Заев и го праша Мицкоски дали ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да ја блокира иднината на Република Северна Македонија штитејќи го криминалот.

    Според предложеното законско решение, кажа Заев, СЈО ќе гони висока корупција кај сите, најмногу кај власта.

    „Секој амандман што не крие заштита на криминалот е прифатлив за нас“, изјави Заев.

    За усогласување на ставовите околу Законот за Јавно обвинителство минатата недела власта и опозицијата имаа две средби во Министерството за правда. По средбите, министерката за правда Рената Дескоска кажа дека ВМРО-ДПМНЕ практично бара амнестија за случаите на СЈО, додека од најголемата опозициска партија побараа реизбор на специјалните обвинители. Законот за Јавно обвинителство се носи со двотретинско мнозинство во Собранието.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира