Дадов насоки да се направи нарачка од 100 илјади дози од руската вакцина „спутник“, рече денеска премиерот Зоран Заев во Пробиштип.
„Синоќа доцна добив информација од министерот за здравство Венко Филипче дека имаме капацитет, согласно склучените договори и платените, да направиме нарачка од 100.000 дози од следна вакцина со што би го надополниле севкупниот план, а не би предиизвикала да останат вишок вакцини. Да одговорам на прашањето: Дали би нарачал од ‘спутник’, да, дадов насоки, да се направи од таму нарачка. Сѐшто постои од вакцина, направивме нарачки, договори“, рече премиерот.
Вакцинацијата против ковид-19 во земјава почна на 17 февруари, со првата пратка од 4.680 дози „Фајзер“ кои земјава ги доби од Србија. Заев кажа дека следната недела се очекува остатокот од целата пратка од 8.000 дози од Србија, на крајот на месецов чекаат одговор од „Фајзер“ за 800.000 дози кои директно преговараше земјава. Се чека да стигнат и 200.000 дози кинески вакцини, а во март и вакцината на „АстраЗенека“, првата што доаѓа преку Ковакс-механизмот. Според информациите од Ковакс, за земјава се предвидени помеѓу 103.200 и 175.200 дози од вакцината на „АстраЗенека“, од кои околу 35% треба да пристигнат во првиот, а останатите во вториот квартал од годината. Преку Ковакс-механизмот Македонија уплатила за вкупно 833.000 дози вакцини.
Први се вакцинираат задравствените работници кои работат со ковид-пациенти, а Заев рече дека до вчера биле вакцинирани околу 800 лица.
Б. НЕСТОРОСКА