ЌЕ Ѝ ПОМОГНАМ НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ДА ОДГОВАРААТ КОРУМПИРАНИТЕ, КАЖА НОВАТА АМЕРИКАНСКА АМБАСАДОРКА АГЕЛЕР

    ЌЕ Ѝ ПОМОГНАМ НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ДА ОДГОВАРААТ КОРУМПИРАНИТЕ, КАЖА НОВАТА АМЕРИКАНСКА АМБАСАДОРКА АГЕЛЕРАнџела Прајс Агелер на сослушувањето пред Комитетот за надворешни работи на Сенатот. (Фото: принтскрин)

    Американската дипломатка Анџела Прајс Агелер, која е номинирана од претседателот Џо Бајден да биде нова амбасадорка во Скопје, рече дека ќе ѝ помогне на Македонија да развие стратегија за поефикасна борба против корупцијата, на сослушувањето пред Комитетот за надворешни работи на Сенатот. Понатаму, таа кажа дека ќе работи на поддршка на земјата да стане поотпорна на штетни влијание од трети страни, посочувајќи ги Русија и Кина.

    „САД и Северна Македонија делат многу заеднички приоритети, вклучувајќи ги борбата против корупцијата, подобрување на владеењето на правото и зајакнување на доброто владеење. Ако бидам потврдена, ќе ги охрабрам судските реформи и ќе ги повикам институциите на Северна Македонија да промовираат транспарентност, да ги истражат наводите за злоупотреби и одлучно да се спротивстават на корупцијата за да ја зајакнат довербата на јавноста во владеењето. Ќе работам со меѓуагенциските партнери за да ѝ помогнам на Северна Македонија да развие национална стратегија која ефективно ќе бара одговорност од корумпираните актери. Ако бидам потврдена, ќе работам на поддршка на економската иднина на Северна Македонија преку политики за зајакнување на нејзината инвестициска клима, зајакнување на инфраструктурата, подобрување на енергетска диверзификација и безбедност, како и на градење отпор на штетни надворешни влијанија, вклучително и од Русија и Кина“, рече Агелер.

    Бајден на 9 јуни лани потпиша Извршна наредба за замрзнување на имотот и забрана за влез во САД на лица кои ја загрозуваат стабилноста на Западен Балкан, вклучувајќи и лица кои се вмешани во корупција.

    На 22 април годинава, САД ги стави на црна листа експремиерот Никола Груевски и ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков, како одговор на нивното учество во значајна корупција.

    Потоа на сослушувањето, одговарајќи на прашања од сенаторите, Агелер кажа дека има голем број иницијативи за чиста енергија кои ќе ѝ помогнат на Македонија да се оддалечи од зависноста од руски гас, посочувајќи го како пример поврзувањето со гасовод со Грција.

    Доколку биде потврдена за амбасадорка, Агелер рече и дека ќе работи на надградување на стратешкиот дијалог меѓу двете држави, преку продлабочување на соработката меѓу армиите на двете земји.

    Агелер беше номинирана од Бајден да биде нова амбасадорка во Скопје на 26 мај. Досега таа беше в.д. амбасадорка и заменичка на амбасадорот во Исламабад, Пакистан. Претходно има работено на разни функции во Стејт Департментот и во амбасадите во Париз, Ханој, Њу Делхи и Будимпешта, како и во амбасадата во Скопје, задолжена за односи со јавноста.

    Нејзиниот мандат во Скопје беше во времето на амбасадорите Филип Рикер и Пол Волерс, 2011-2014, период кога Македонија бележеше константен пад на медиумските слободи и демократските процеси. Таа презеде низа активности против негативните процеси поттикнати од затворањето на телевизијата А1 и промената на сопствеништвото на МПМ од германско во македонско, како и несигурноста во новинарската средина поттикната од сообраќајната несреќа во која загина основачот на „Фокус“, Никола Младенов. Како американски дипломат во Скопје Агелер беше гласна во одбрана на слободата на медиумите, како и заштита на граѓанските права и слободи што тогаш беа задушувани од власта на Никола Груевски. Беше еден од иницијаторите за првата ЛГБТ Парада на гордоста во Македонија.

    Дипломирала на Универзитетот во Јута, а покрај англиски, зборува француски, македонски и хинди.

    Прајс Агелер, по потврдувањето на нејзината номинација во Сенатот, ќе дојде на местото на Кејт Мари Брнз, која беше назначена за амбасадорка во Скопје во мај 2019 година.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира