ЌЕ СЕ ОТСТРАНУВААТ ВОСОЧНИ ФИГУРИ ОД МУЗЕЈОТ НА ВМРО

    ЌЕ СЕ ОТСТРАНУВААТ ВОСОЧНИ ФИГУРИ ОД МУЗЕЈОТ НА ВМРОЧленовите на работната група утврдиле дека во музејот доминираат восочни фигури и слики, а не оригинални документи и предмети, што создава впечаток дека посетителите се во театар, а не во музеј. - Поранешната министерка за култура Елизабета Канческа Милевска на прес-конференција во Музејот на ВМРО по отворање на предметот на СЈО „Тендери“ (Фото: СДК.МК)

    Ќе се отстрануваат восочните фигури во Музејот на ВМРО и тој ќе добие ново име. Ова се предлага со извештајот на работната група за преиспитување на општествената и стручната оправданост од постоење на НУ „Музеј на македонската борба за државност и самостојност, Музеј на ВМРО и Музеј на жртвите од комунистичкиот режим, кој е доставен до Министерството за култура.

    Членовите на работната група утврдиле дека во музејот доминираат восочни фигури и слики, а не оригинални документи и предмети, што создава впечаток дека посетителите се во театар, а не во музеј. Во извештајот стои дека восочните фигури и сликите не се изработени според оригинални фотографии и документи, туку историчарите кои работеле на поставките според свои желби и мислења давале сугестии како тие да изгледаа, колку да бидат високи, тешки, каква коса да имаат, дали да имаат брада или мустаќи.

    Претседателот на работната група Александар Литовски вели дека проблем е и тоа што во музејот преовладуваат поставки за Внатрешната македонска револуционерна организација, односно до 13 оддели дури 8 се чисто направени за историјата на македонската револуционерка организација, внатрешна македонска револуционерна организација 1893 до 1991 година а во кој другите 5 пак на индиректен начин се зборува за дејците на ВМРО низ историјата.

    „Во извештајот не предлага да се затвори сегашниот Музеј на ВМРО туку преименување, со скратување на сегашното име во Музеј на македонската борба за државност и самостојност. Предлагаме Министерството за култура да формира стручна екипа кои ќе направи нова историска поставка во која според наше мислење треба доминантно место да заземаат оригинални документи и оригинални предмети а помалку да бидат застапени восочните фигури и таканаречените уметнички слики. Колку восочни фигури и слики ќе се отстранат ќе одлучи Комисијата која би ја сочинувале компетентни музејски работници и стручни лица. Генерално проблемот е што доминантно место имаат восочните фигури и платната, целата музејска поставка е правена театарски каде не добивате впечаток дека сте во музеј туку во театар“, рече претседателот на работната група Александар Литовски.

    Работната група утврдила и низа нерегуларности во донесување на одлуките за изградба на Музејот на ВМРО, за што Министерството за културна ќе побара поведување постапки од надлежните органи.

    „Има законски прекршувања на Законот за буџет и Законот за спроведување на буџетот во однос на неадекватната позиција со тоа што е токму изградбата на овој музеј е ставено во дејност музејска и кинотечна. Тоа веќе е прекршување на Закон за буџет и злоупотреба на пари кои што се наменски бидејќи се однесуваат на функционирање на музејска и кинотечна дејност. Прекршен е Законот за музеи посебно на членот 7 кој се однесува на условите за основање на музеј. Во него стои дека треба да биде изработен елаборат, кој што го нема, не е изработен. Еден дел се однесува на претходна согласност од матичната институција а тоа е Музеј на Македонија таква согласност не е побарана. Трето е прекршен Законот за заштита на културно наследство во однос на прогласување на музејот како културно наследство, но за тоа треба да постојат одредени услови, треба музејскиот материјал да биде валоризиран и категоризиран како значајно културно наследство а тоа не е направено“, рече Донка Барџиева Трајковска.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира