Годинава се планира да се отворат уште два центра за менаџирање со дебелината во болниците во Тетово и Штип , како и на Клиниката за детски болести во Скопје, а подоцна и во Битолската болница рекоа денеска д-р Ирфан Ахмети и д-р Танер Хасан, кои менаџираат со Центрите за обезност на Клиниката за ендокринологија и во Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“.
Лани на 4 март во „8 Септември“ се отвори првиот Центар за менаџирање со дебелината во земјава, а на 13 јули на Клиниката за ендокринологија во Скопје се отвори Центар за справување и третман на обезност.
Денеска се одбележува Светскиoт ден на обезноста, а според податоците од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) дебелината во Македонија од 1990 до 2022 кај возрасните е зголемена за 13,6 отсто, а кај децата и адолесцентите за 7,4 отсто. Во земјава, 28,4 отсто од возрасните живеат со дебелина.
Годинава мотото на одбележувањето е „Ајде да зборуваме за обезноста и…“ што значи, вели д-р Ахмети, сите заеднички, не само професионалци, лекари , туку и здруженијата на лица со обезност и пошироката популација, да работиме на подигнување на свесноста за дебелината како хронична болест.
Д-р Ахмети кажа дека е потребна национална кампања, и вклучување на примарното здравство во превенцијата и третманот на лицата со обезност.
„Ова го кажувам бидејќи податоците од ‘Мој термин’ кажуваат дека имаме само 14 илјади регистрирани пациенти со обезност, што е приближно 10 проценти од бројките кои се реални. За овие 6 месеци имаме 650 пациенти, од кои 60 отсто се со прилично потешка обезност. Пациент со најголема килажа е 185 килограми.
Дневно прегледуваме по 10-15 пациенти, мислам толку се и во ‘8 Септември’. Сите се мотивирани и доаѓаат често на контроли“, кажа д-р Ахмети.
Дебелината, вели, за жал е во подем, како во светски рамки така и кај нас. Последните 30 години дебелината во светски рамки е тројно зголемена и предвидувањата за прогресивниот раст се песимистички, односно се очекува пандемиски раст.
Д-р Хасан од „8 Септември“ кажа дека сѐ повеќе и повеќе забележуваат дека имаат голем број пациенти во адолесцентна возраст, а исто така и младата популација до 40-годишна возраст. Скоро половина од овие пациенти којшто се упатени во нивниот центар се на оваа возраст.
„Тоа укажува дека почнува полека да се подигнува свеста во нашата држава. Порано не било така. Досега се што сме направиле било во насока да се намалат компликациите од оваа болест, меѓутоа многу беше тешко да се пробие таа стигма на болеста, да се прифати како хронична болест, прогресивна болест бидејќи треба цел живот да се внимава и да се лечи. Затоа и со отворањето на овој центар, прв во македонија, а потоа и на Клиниката за ендокринологија се отвори и вториот центар, наскоро очекуваме дека и во Детска клиника се подготовува за отворање на третиот центар за деца и за адолесценти бидејќи имаме голем број на вакви пациенти кои за жал одат на други места, во приватни установи и губат време кое е драгоцено за лекување на овие пациенти. На светско ниво знаеме дека преваленцата е околу 30-35 отсто. Според нашите клинички пракси верувам дека тој процент е застапен и кај нас. Меѓутоа, за жал, досега не сме имале ваков регистар на пациенти со дијагноза ЕР66. За жал, пациентите доаѓале со компликации, се лекувале компликациите, меѓутоа примарната дијагноза не била запишана во регистарот. Со отворање на овие центри верувам во блиска иднина Македонија ќе има еден добар регистар за застапеноста на овие пациенти и тоа е добро за благовремено третирање на овие пациенти за да се избегнат компликациите“, рече д-р Хасан.
Докторите кажаа дека треба да се зборува отворено со цел да се избегне стигмата, повеќе да се дискутира и да се упати лицето без никакви комплекси за барање на помош.
„Дебелината треба да ја сфатиме како комплексна и хронична болест која доколку не се препознава може да доведе до сериозни компликации, т. е коморбидитети, и да доведува до намалување на животниот век, т. е порана смртност. Дебелината може да се превенира навремено преку интервенција на стилот на живоот, од физичка активност, промовирање на здрав живот“, апелира д-р Ахмети.
- ПО БОЛНИЦАТА „8 СЕПТЕМВРИ“, И КЛИНИКАТА ЗА ЕНДОКРИНОЛОГИЈА ОТВОРИ ЦЕНТАР ЗА ТРЕТМАН НА ДЕБЕЛИНА
- ДЕБЕЛИНАТА СЕ ЛЕКУВА, ВЕЛИ Д-Р ХАСАН ОД ПРВИОТ ЦЕНТАР ЗА ДЕБЕЛИНА ВО МАКЕДОНИЈА ВО БОЛНИЦАТА „8 СЕПТЕМВРИ“
Б. НЕСТОРОСКА