ДЕБЕЛИНАТА СЕ ЛЕКУВА, ВЕЛИ Д-Р ХАСАН ОД ПРВИОТ ЦЕНТАР ЗА ДЕБЕЛИНА ВО МАКЕДОНИЈА ВО БОЛНИЦАТА „8 СЕПТЕМВРИ“

Центарот за обезност во „8 Септември“ функционира со упат од матичен лекар, а термини има за три дена во неделата. Во него има и нутриционист, психолози, тим ендокринолози, ортопеди, хирурзи.

    ДЕБЕЛИНАТА СЕ ЛЕКУВА, ВЕЛИ Д-Р ХАСАН ОД ПРВИОТ ЦЕНТАР ЗА ДЕБЕЛИНА ВО МАКЕДОНИЈА ВО БОЛНИЦАТА „8 СЕПТЕМВРИ“Д-р Хасан вели дека има доста компликации кои потекнуваат од обезноста, како кардиоваскуларни, мозочни удари, периферни артериски болести, доста малигнитети, како карцином на дебело црево, на панкреас. (Фото: К. Попов)

    Дебелината е веќе пандемија, не е само болест на возрасната популација, туку и на детската, вели специјалистот интернист-ендокринолог д-р Танер Хасан од Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“, каде од 4 март е отворен првиот Центар за менаџирање со дебелината во земјава. Значајно, е потенцира тој, бидејќи досега лекуваа само компликации од дебелината, а основната причина стои во место. Oткако е отворен Центарот, доаѓаат пациенти на 30-40-годишна возраст, а меѓу најмладите е и 16-годишничка со над 120 килограми.

    „Веќе се пополнети сите термини, има доста обезни. Јас се зачудив кога ги гледам првпат што доаѓаат. Имавме и порано, тие што доаѓаат за дијабет заедно со обезност, но има доста пациенти кои доаѓаат исклучиво само за обезност“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК д-р Хасан, кој е и началник на Интерните одделенија во Болницата.

    Ваков центар во регионот немаат уште Црна Гора и Косово, другите држави во Европа имаат и од таму потекнала идејата за формирање. Проблемот бил што немало ни здружение за обезност. Заедно со Клиниката за ендокринологиоја покренале иницијатива да се формира Здружението за обезност „ОБЕМ“, тоа траело една година, а паралелно д-р Хасан го спремал и Центарот за обезност.

    Центарот за обезност во „8 Септември“ функционира со закажување преку матичните лекари во „Мој термин“, и три пати неделно има термини за овие пациенти. Бидејќи е прв центар, функционира и како референтен центар, па доаѓаат и од други градови.

    „Пациентите кои деновиве доаѓаат во Центарот, се релативно млади, 30-40 години, немаме пациенти над 60 години кои стварно имаат потреба“, вели д-р Хасан. (Фото: К. Попов)

    „Обезноста е веќе пандемија, имаме многу пациенти со обезност, посебно во детска возраст. Сите студии покажуваат дека има околу 40 отсто застапеност на дебелината кај децата, посебно во адолесцентна доба. Во 2030 се очекува околу 55-60 отсто во светот да има деца со дебелина“, вели д-р Хасан.

    Во Центарот има и еден нутриционист, двајца психолози, бидејќи, вели тој, овие пациенти се стигматизирани, изолирани од јавноста, одбиваат да дојдат до лекар, да земат препораки, помош.

    „Првенствено со психолозите ќе имаме еднаш неделно предавања за овие пациенти, исто така и нутриционистот ќе одржува едно предавање. Ќе собереме група на пациенти кои прифаќаат да слушаат и кои имаат потреба да им се дадат информации и препораки за исхрана, за начин на живеење, за мерење на калории, за физичка активност. Така што, ќе бидеме комплетирани како тим. Имаме една сестра, работиме ние ендокринолози што сме од Одделението, шестмина сме, но ќе се занимаваат и другите специјалности како гастро, ортопед, доктор за баријатрична хирургија“, вели д-р Хасан.

    Прво 3 месеци се пробува со диета и со физичка активност. За да биде успешна таа терапија, пациентот треба да изгуби најмалку 5 отсто од вкупната телесна тежина. Во тие три месеци ако успее да изгуби 5 отсто, значи има успех, може да се продолжи со тие препораки. Ако нема, се оди на втора линија, фармаколошка терапија.

    „Пациентите кои деновиве доаѓаат во Центарот се релативно млади, 30-40 години, немаме пациенти над 60 години кои стварно имаат потреба. Досега пробувале и диететски режими, кето диета, но ние како ендокринолози и нутриционистите не препорачуваме едновидна исхрана. Тоа не е здраво за телото. На почетокот губат по 5-6 килограми, но после тоа се забавува. Едновидната исхрана може да штети на другите органи. Во кето диетата се оптоваруваат многу повеќе бубрезите поради протеинската исхрана. Може да настанат проблеми со бубрезите. Најубаво е да биде различна исхраната, индивидуална, бидејќи не можеш една шема да дадеш на неколку пациенти. Сите имаат различни професии, различен начин на живеење“, истакнува докторот.

    Д-р Хасан е здоволен е од соработката на пациентите, вели дека ги слушаат советите, многу се мотивирани, и се свесни дека ова е болест која треба да се лекува. (Фото: К. Попов)

    Д-р Хасан вели дека има инјектабилна форма на лек за пациентите со обезност, кои имаат дозвола од Агенцијата за храна и лекови на САД (ФДА) и од Европската агенција за лекови (ЕМА) и за во нашата држава, но, за жал, не се на позитивната листа на лекови.

    „Лани имавме околу 150 пациенти кои беа вклучени во програма на Министерството за здравство за да ги добијат овие лекови на позитивна листа за цела година. Имаме искуство со тие пациенти, станува збор за доста безбеден лек. Има инјектабилна форма што се аплицира поткожно, или таблетарна форма. Тие пациенти што се плашат од боцкање може и таблети да користат, ефектот е ист, нема битна разлика. Од инјектабилната терапија има таква што се дава еднаш дневно и еднаш неделно. Од тие што се даваат еднаш неделно, има и во нашата држава, но потешко се наоѓа поради големата побарувачка. Но, за секојдневната апликација има на пазарот и со терапија во текот на 6 месеци губат од 15 до 20 отсто од вкупната телесна тежина, што во проесек е 15 до 20 кила кај секој пациент. За почеток, добра реакција даваат и пациентите затоа што се мотивираат, гледаат дека можат, успеваат да симнат килажа и после тоа продолжуваат. Има пациенти што ја користат по една година. Таа терапија не се препорачува само за пациенти што имаат карциноми и тие што имаат хроничен панкреатит, кај алкохоличари, другите сите можат. И во детска возраст, имаме одобрение од ФДА за пациенти над 12 години и кај нив се дава. Досега во Македонија имавме само за пациенти кои имаат дијабет со обезност, веќе може и без разлика дали има дијабет, само за обезност може да се користи. Ние пак аплициравме и во Министерството и во Фондот за здравствено осигурување да добиеме уште една таква програма барем за 100-тина пациенти за цела Македонија, бидејќи нема секој можност да плати 600 евра за 6 месеци. Тие што немаат можност бараме да бидат вклучени во оваа програма. Чекаме и се надеваме на позитивен одговор“, појаснува д-р Хасан.

    Кај тие пациенти што немаат успех со исхрана и физичка активност или со фармаколошка терапија, трета и последна опција е баријатрична хирургија. Досега се оперирани околу 50 пациенти. Зборуваме, вели тој, за екстремно обезни кои имаат над 150-160 килограми, каде со фармаколошка терапија малку може да се делува.

    Прво двата прегледа се на 3 месеци, па две години одат на 6-месечна контрола, согласно светските препораки, и кога ќе се стабилизра, кога ќе се увиди дека не ги враќаат назад килограмите, еднаш годишно. Ако пациентот стагинира со килажата, се препорачува баријатрична хирургија, ако не успее да намали барем 10 отсто од вкупната телесна маса.

    „Се мери и обем на струк, параметар кој ни треба за проценување за иднина. Тие пациенти што имаат поголем обем на струк, тие се малку порезистентни, затоа што абдоминалната обезност е малку порезистентна на терапија, но и кај нив, ако се мотивирани, дисциплирани, има успех“, рече докторот.

    Во Центарот има и лабораторија каде може да се проверат сите параметри кај овие пациенти, метаболни параметри, липиди, гликемија, просек на шеќер на 3 месеци, хормоналниот статус, посебно кај женската популација, нивото на некои витамини кои се значајни, како витамин Д за обезноста. Имаат и ИМ боди апарат кој ја мери процентуалната застапеност на масното ткиво во телото. Референтните вредности се дека треба да биде околу 25 отсто кај мажите и 28 отсто кај жените, вредности кои не треба да се прекорачат.

    Очекуваат да добијат и еден декса апарат кој се користи за мерење коскена густина, меѓутоа се користи и за мерење на густината на масното ткиво.

    „Кога ќе го добиеме и тој апарат ќе бидеме комплетирани во апартура. Имаме и ваги за мерење на покрупни пациенти над 150 кила, имаме вага за 250 килограми. Бидејќи имаме и такви пациенти, 170-180 килограми, а нив не можеме да ги мериме со обичните ваги, кои мерат до 120 кила. Повеќе од ова, немаме потреба за друга апаратура. Во консултациите учествуваат  и ортопедите од нашата болница.  Д-р Зоран Несторовски од Ортопеднското одделение е вклучен во лекувањето и на некои наши пациенти, бидејќи од тежината имаат проблеми со колената.. Целата работа е мултидисциплинарна, но завршува во нашава болница, нема потреба пациентите да одат по други установи за некое друго снимање или испитување“, ни рече д-р Хасан.

    Значаен е Центарот, потенцира тој, бидејќи досега се лекуваа само компликации од дебелината, а основната причина стои во место. (Фото: К. Попов)

    Во однос на пациентите, вели дека дебелината е се позастапена и кај адолесцентите, а во „8 Септември“ доаѓаат над 14 години, под 14 години се лекуваат на Клиника за ендокринологија.

    „Минатата недела во Центарот дојдоа двајца, еден 15-годишник и една пациентка на 16 години со доста прекумерна тежина, околу 120-130 килорами. Дел имаат и генетска предиспозиција, бидејќи ова е мултифакторијална болест, не е само поврзана со исхраната“, вели тој.

    Д-р Хасан истакнува дека има доста компликации кои потекнуваат од обезноста, како кардиоваскуларни, мозочни удари, периферни артериски болести, доста малигнитети, како карцином на дебело црево, на панкреас. Кај поголем дел од дебелите луѓе, околу 80 отсто или имаат дијагноза или уште не знаат, или се пред дијабет.

    „Кога испитуваме и тие се зачудуваат, ‘Од каде излезе сега ова’, оти најчесто проверуваат гликемија само на гладно, долго време да остане гликемијата нормална, а не после оброк, бидејќи првенствено се нарушува гликемијата после оброк, 2 или 3 часа. А кај нас немаме таква пракса, обично се испитува на гладно и долго време не знаат дека имаат дијабет. На гладно може да е 5-6, а после оброк да се покачи на 10 и тоа е веќе дијабет. Но, пациентот не знае. И затоа испитуваме и после оброк, ако треба и OOGT тест (оптоварување со гликозен раствор), проверуваме и инсулин, состојбата на панкреасот. Кај обезните задолжително бараме и ехо на абдомен, бидејќи 90 отсто имаат замастен црн дроб, а тоа е предизвик за дијабетот и за цироза. На крај црниот дроб се замастува и може да заврши со цироза, без разлика дали има хепатит или нешто друго, само обезноста може да го направи тоа, а тоа се гледа на ехо. Ако има замастен црн дроб , имаме таблетарни терапии што им ги препорачуваме на овие пациенти, покрај исхраната и физичката активност, за да се намали масното ткиво“, појаснува д-р Хасан.

    @sakamdakazam #СакамДаКажам #sdkmk #sdk #SakamDaKazam #Танер #Хасан #ЦентарЗаОбезност ♬ original sound – Сакам да кажам

    Додава дека кога ќе се пресмета колку се троши да се лекуваат тие компликации, многу е поевтино да се лекува пациентот  барем со фармаколошката терапија, бидејќи инаку ќе имаат потреба за хоспитализација, а тоа е на товар на Фондот, на државата.

    Д-р Хасан е задоволен е од соработката на пациентите, вели дека ги слушаат советите, многу се мотивирани, и се свесни дека ова е болест која треба да се лекува. Вели дека ваков центар ќе се отвори и на Клиниката за ендокринологија во Скопје, и во земјава ќе има 2 центра кои ќе се занимаваат со оваа проблематика.

    Здружението е формирано пред 3-4 месеци и се зачлениле во Европското здружение за обезност, а кога се отвори Центарот, се зачлениле во Европската унија за центри за менаџирање на дебелината.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира