ЌЕ СЕ ПРАВАТ ДВОЈНО ПОВЕЌЕ ТРАНСПЛАНТАЦИИ НА ХЕМАТОЛОГИЈА СО ДОНАЦИЈАТА ОД 800 ИЛЈАДИ ДОЛАРИ ОД САД, РЕЧЕ ДИРЕКТОРКАТА Д-Р ПАНОВСКА-СТАВРИДИС

    ЌЕ СЕ ПРАВАТ ДВОЈНО ПОВЕЌЕ ТРАНСПЛАНТАЦИИ НА ХЕМАТОЛОГИЈА СО ДОНАЦИЈАТА ОД 800 ИЛЈАДИ ДОЛАРИ ОД САД, РЕЧЕ ДИРЕКТОРКАТА Д-Р ПАНОВСКА-СТАВРИДИСДирекорката на Хематологија, д-р Ирина Пановска-Ставридис, министерот за здравство Венко Филипче и американската амбасадорка Кејт Мари Брнз на денешната презентација на донацијата од 800 илјади долари. (Фото: К. Попов)

    Со новиот оддел на Клиниката за хематологија, годишно ќе се помогне на 100 македонски пациенти и 20 од странство, за разлика од досега кога може годишно да се прават по 50-60 трансплантации годишно, рече денеска директорката на Клиниката, д-р Ирина Пановска-Ставридис. Таа заедно со американската амбасадорка во земјава Кејт Мари Брнз и министерот за здравство Венко Филипче ја најавија донацијата од 800.000 долари од Европската команда на Армијата на САД.

    Амбасадорката Брнз кажа дека донацијата ќе се искористи за реновирање на Клиниката и ќе се надгради еден спрат, со што ќе се прошират капацитетите за хоспитализација на пациенти со хематолошки болести во рамки на Клиниката.

    „Кога пред три години бев назначена за директорка, имав визија да направиме современа експертска клиника која ќе работи по светски стандарди. Токму со оваа донација се заокружува процесот на реновирања, што заедно со веќе воведените нови и современи методи за лекување, прави нашата Клиника да прерасне во регионален центар за лекување на пациентите со малигни хематолошки заболувања. Досега, Клиниката имаше капацитет да спроведува 50-60 трансплантации годишно и притоа пациентите од регионот кои бараа здравствена помош кај нас многу често не можевме да ги прифатиме, бидејќи немавме просторни услови. Сега со новоизградниот оддел, ние прераснуваме во регионален центар“, кажа д-р Пановска-Ставридис.

    Таа додаде дека во време на пандемијата на ковид-19 и најголема здравствена криза на современиот свет, навремената дијагностика и третман се клучни за пациентите со хематолошки заболувања.

    Министерот Филипче се заблагодари за сета помош од САД досега, и како што рече, Американската амбасада во Скопје беше прва која пружи помош на почетокот на коронакризата. Амбасадорката Брнз, меѓудругото, ѝ честиташе на директорката за проектот од Клиниката за хематологија од Скопје кој беше одобрен и избран да биде финасиран во следните две години од Меѓународниот центар за генетски инженеринг и биотехнологија (ИЦГЕБ) во Трст, Италија.

    Проектот предводен од директорката на Клиниката, беше во сериозна конкуренција од 38 меѓународни поднесоци на научно-истражувачки проекти во областа на ковид-19.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира