Ќе се вработат 400 привремни пожарникари кои ќе бидат распоредени во Противпожарните бригади на Општините, кажа директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов. Месeчниот надоместок кој ќе го добиваат лицата е 24.000 денари. Тие ќе поминат обуки за гасење на пожарите, а најдобрите ќе бидат трајно вработени.
Огласот за вработување ќе го распишат Општините каде што има Противпожарни бригади. Нема да има оглас само во Општините Струмица и Кочани, кои не се пријавиле на повикот на Владата да учествуваат во оваа мерка за справување со пожарите.
Директорот Ангелов кажа дека овие вработување ќе бидат многу важни за справувањето со пожарите и ги повика сите млади луѓе кои се во добра физичка форма да се пријават на огласот.
„Ги повикувам оние кои бараат работа или сакаат работа со поголем предизвик да се пријават. Во Скопје е предвидено да бидат ангажирани околу 100 лица, кои ќе бидат вработени во тимовите за брз одговор за заштита и спасување, а најдобите од нив ќе бидат потоа вработени во новата едници која планираме да ја формираме и ќе се вика Специјална единица за заштита и спасување. Можеби оваа сума од 24.000 денари не е голема, но сите кои ќе се покажат ќе може трајно да бидат вработени во Бригадите за противпожарна заштита. Кандидатите треба да бидат психофизички здрави, а луѓе со хронички болести, срцеви болести, проблем со шеќер не е добро да се пријават на овие огласи“, рече Ангелов.
Директорката на Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) Душица Перишиќ кажа дека во моментов во земјава има меѓу 700-800 пожарникари, а според стандардите за еден пожарникар на 1.500 граѓани потребни ни се 1.500 пожарникари.
„Со овие вработување пола од таа потребна бројка ќе се пополни“, рече Перишиќ.
Владата вчера промовираше 38 стари армиски и полициски возила кои беа пренаменети за гасење пожари. Ангелов денес рече дека дел од овие возила денеска се користат за гасење на големиот пожар кај Блаце и се покажале како многу ефикасни.
А. АНТЕВСКА