Сведокот во „Рекет“ Орце Камчев час и половина сведочи за уцени и изнуда што тврди дека биле вршени врз него преку обвинетиот Бојан Јовановски-Боки 13, од страна на сите странки и од една судијка, поврзани со истрагата „Империја“ против него. Прекинат беше на кратко со прашање-две од обвинителката Вилма Русковска.
Првин кажа како неговата сопруга Ана Камчева била натерана да даде 500 илјади евра.
„Во стан во Капиштец, за кој адвокатот Васил Димишков на мојата сопруга и адвокатка Ана Камчева ѝ кажал дека е за специјални клиенти, ѝ побарал два, четири и шест милиони евра, за да излезам првин од притвор, а потоа за останатите олеснувања. Сопругата Ана Камчева се расплакала и си заминала. Пак се јавил Зоран Милески додека јас сум во притвор во Шутка, да пренесе дека Ана треба да се сретне со Бојан Јовановски во истиот стан. Отишла и на таа средба. Бојан, Зоран и Ана имаат неколку средби. На една од средбите било смеѓо момче, работел на компјутерот. Ана ќе ви каже поубаво за ова“, зборуваше Камчев.
„Немам пари јас“, рекла Ана Камчева.
„Ќе се заврши работата за ‘Империја’, еве глеј кој седи тука. Синот на Катица, Лазар Јанев е“, зборуваше Орце Камчев денеска пред судот.
За цело време Боки 13 зборувал со Катица на телефон, вели Камчев.
Во меѓувреме, се случила уште една средба во истиот стан, на која и Катица дошла, тврди Камчев. Директно таа и побарала пари на Камчева, според Орце Камчев.
Сопружниците Камчеви одлучиле да дадат дел од парите, зашто судот ја одбил гаранцијата, биле ставени на гилотина, јавноста била против Орце Камчев, според сведочењето на Камчев. Тој вели дека 350.000 евра Ана Камчева му ги однела на Боки 13 во канцеларија, а 150.000 евра му дала на Зоран Милески, кој призна вина и доби 3 години затвор во „Рекет“.
„Почнав да размислувам како да го документирам ова“, рече сведокот Орце Камчев.
Излегол од Камчев од притвор. По Божик, Бојан Јовановски му дошол на гости.
Сведочењето продолжува.
С. К. ДЕЛЕВСКА