ЌЕ СЕ ЗГОЛЕМИ ВРЕМЕТО ЗА ПРЕГЛЕД НА ПАЦИЕНТИТЕ ВО МОЈТЕРМИН, НАЈАВИ ТАРАВАРИ

    ЌЕ СЕ ЗГОЛЕМИ ВРЕМЕТО ЗА ПРЕГЛЕД НА ПАЦИЕНТИТЕ ВО МОЈТЕРМИН, НАЈАВИ ТАРАВАРИСистемот за закажување прегледи, вака како што е поставен има многу недостатоци, кои пред сè се кршат врз пациентите, вели министерот за здравство Арбен Таравари (Фото: СДК.МК)

    Ќе се продолжи времето за преглед на пациентите кај специјалистите во секундарно и терциерното јавно здравство. Ова е една од промените што ќе ги претрпи системот за електронско закажување прегледи МојТермин, а деталите ќе се договараат следната недела, најави министерот за здравство Арбен Таравари.
    Тој рече дека вeќе направиле првична анализа со тимот од МојТермин, а дека наредната недела ќе ги дефинираат работите што треба да се променат.
    „Веќе в среда ни е закажана средба и ќе се разгледуваат деталите. Ќе има подобрување на системот, односно ќе се отстранат недостатоците во самиот систем за закажување, пред сè во интерес на пациентите“, рече Таравари.

    В понеделник тој треба да се сретне и со трите комори, односно со лекарската, фармацевтската и стоматолошката комора. На овој состанок, како што велат лекарите ќе се зборува и за подобрување на системот за закажување прегледи, бидејќи вака како што е поставен има многу недостатоци, кои пред сè се кршат врз пациентите.
    „Сметаме дека за преглед на пациент кој прв пат доаѓа кај нас 15 минути не се доволни. Светската здравствена организација препорачува првичниот преглед да трае од 30 до 40 минути. Ние ќе бараме да биде најмалку 30 минути. За пациентите кои веќе се лекуваат кај нас и кои доаѓаат за продолжување на терапијата нема потреба да трае толку долго прегледот, но некој што прв пат влегува во ординација треба да му се посвети време“, вели д-р Калина Гривчева Старделова, претседател на Лекарската комора.

    Лекарите велат дека мора да се направи точна дефиниција и на тоа како се препраќаат пациентите на клиниките, односно дали е итен случај и за таков пациент да се издаде итен упат, или пак е пациент со приоритетен упат, кој важи седум дена.
    „Сега се случува и пациенти со итна состојба, која не може да чека, и тие што не се толку итни на клиника да се препраќаат со приоритетен упат. Се случува во денот да прегледаме повеќе пациенти со приоритетен упат, отколку такви со закажан термин. Исто така за издавање меѓуклинички упати, односно какви дополнителни иследувања треба да се направат треба да одлучуваме ние лекарите во зависност од специјалноста, а не каде првично бил упатен пациентот. Тоа сега системот не го дозволува. Ќе бараме овие работи да се поедностават“, вели д-р Гривчева Старделова.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира